| четврток, 6 декември 2018 |

Закана од Хезболах: Следната војна ќе се води на територијата на Израел!

Хезболах стекна искуство и сила во сириската граѓанска војна каде што оваа организација прерасна од герилска организација во вистинска војска.

Лидерот на либански Хезболах, Хасан Насралах предупреди дека следниот конфликт на неговата организација со Израел би можел да се случи на израелска територија.

„Израел се заканува десет години дека ќе отвори фронт против Хезболах, но тие не сторија ништо. Израел се плаши од секој конфликт затоа што истиот би можел да се случи на израелска територија“, изјави Насралах синоќа на одбележувањето на годишнината од смртта на високиот командант на Хезболах, Мустафа Бадредин за чие убиство се обвинети Израелците.

Ова не е прв пат Насралах да упати закана до Израел со инвазија на нивна територија во идната војна. Израелската војска во меѓувреме, постепено го менува пристапот кон таа екстремистичка организација, со оглед на тоа што Хезболах значително зајакна во изминатите години.

Кога Насралах се закани со инвазија на Галилеја на северот на Израел, највисоките команданти во израелската армија сфатија дека тоа не се празни закани. Во случајот на еден нов конфликт, Хезболах најверојатно ќе изведе брз упад на израелска територија со намера да заземе некој град или воена база.

Насралах зборуваше и за учеството на организацијата во сириската граѓанска војна, притоа нагласувајќи дека „Израел се плаши од секој иден конфликт“. Хезболах стекнал искуство во војната во Сирија и од герилска организација, се претворил во вистинска војска, пренесува израелски „Харец“.

„Војниците на Хезболах и ракетите можат да ги достигнат сите позиции ширум ционистичкиот ентитет за време на секоја нова војна“, предупреди Насралах и упати критики за настојувањето на Израел да го зајакне пограничното подрачје. Во 2012-та година Израел подигна седум метри висок и 1,200 метри долг ѕид кој ги дели Израел и Либан, опремен со камери и сензори, за да бидат спречени инфилтрации.

„Тој граничен ѕид е признание на големата либанска победа и поразот на Израел. Тоа е пораз на израелските планови и амбиции и признание на падот на големиот проект на Израел кој сакаше да основа држава од Нил до Еуфрат“, изјавил Насралах, оценувајќи дека „кога Израел се крие зад високите ѕидови, тоа значи дека е послаб од обична пајакова мрежа“.

Тој ја повтори фразата која често ја користи во говорите против Израел и аплеираше Либанците да не се плашат, тврдејќи дека зборувањето за израелската војна против Либан и отпорот кој што трае со месеци е дел од вообичаената психолошка војна.

Инаку, последен пат израелската армија војуваше против Хезболах околу еден месец во 2006-та година.

извор: Точка,мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top