Во рамките на 45-ти „Мајски оперски вечери“, на 14 мај (недела) гостува уметничкиот ансамбл „Нова Опера“ од Украина кој на големата сцена на МОБ со почеток во 20 часот ќе го изведе музичко-сценскиот перформанс „Опера-реквием Јов“. Композитори се Роман Григорив и Илија Разумејко, диригент е Роман Григорив, а режисер Влад Троицки.
Настапуваат: Марјана Головко – сопран, Ана Марич – сопран, Олександра Турјанска – мецо-сопран, Андреј Кошман – баритон, Руслан Кирш – баритон, Јевгениј Ракманин – бас, Јана Марчинска – виолончело, Андреј Надолскиј – перкусии, Илија Разумејко – пијано, Александар Михајловски – наратор.
Опера-реквиемот „Јов“ претставува музички перформанс за препарирано пијано, виолончело, перкусии и гласови. Музиката на делото ги комбинира музичкиот минимализам и авангардната експресија, некласицизмот и рок-музиката. Полифоните хорски епизоди и инструменталните интерлудиуми се менуваат со делници што го користат целиот дијапазон на човечкиот глас: од класична, џез и фолклорна интерпретација, до дишење, врисоци, шепотења и аликвотно пеење. Опера-реквиемот „Јов“ претставува синтеза на грчката драма, барокната опера, формите на ораториум и реквием, со техниките на постмодерниот театар. Делото со себе ја носи „мистеријата на раѓањето на новиот звук на пијаното“ и ги изразува бескрајните можности на човечкиот глас.
Nova Opera е група од млади украински уметници чија цел е да истражува и создава нови начини на израз на музичкиот театар. Музичарите на Nova Opera креираат нови синтетички жанри и експериментираат со нестандардни, оригинални музичко-сценски перформанси. Музичкиот јазик на нивните дела не познава естетски граници и ги здружува во слободен израз авангардата и рок-музиката, грегоријанското пеење и трип-хопот, необарокот и фолклорните импровизации. Вокално-инструменталниот ансамбл на Nova Opera ги истражува бројните можности на човечкиот глас и користи неакадемски методи на изведба на музички инструменти како препарирано пијано, бит-бокс, човечки перкусии и други техники. Во нивните дела, достигнувањата на традиционалниот театар се комбинираат со придобивките на модерната технологија како ви-џеј перформансите и живата електронска музика.