Најавите дека СДСМ ќе го укине екстерното тестирање создадоа забуни кај учениците, родителите и наставниците дали во јуни ќе го има овој испит или ќе биде укинат, пишува Дневник.
Од Министерството за образование велат дека укинувањето на екстерното мора да се направи со законски измени и во никој случај не може да се укине само со одлука на владата. Ако не биде формирана влада за една недела, мали се шансите тестирањето да биде укинато оваа година или да биде ставено во мирување.
За да се укине екстерното тестирање, кое годинава е закажано да се полага од 5 до 9 јуни, треба да се сменат законите за основното и за средното образование, како и Законот за наставниците. Владата треба да донесе нови измени и да му ги предложи на Собранието. Откако Собранието ќе ги усвои измените, новите законски решенија треба да бидат објавени во „Службен весник“ за да стапат во сила.
Државниот испитен центар објави 450 илјади прашања за екстерното тестирање, кое треба да се одржи од 5 до 9 јуни, учениците и родителите чии деца треба да полагаат екстерно се комплетно збунети и во исчекување разврска. Пред крајот на учебната година илјадници основци и средношколци се пред дилема – да се подготвуваат или не за екстерно тестирање.
Времето минува и ако деновиве надлежните не излезат со точна информација за тоа дали ќе се реализира екстерното, децата ќе бидат во непријатна состојба, односно „залудно“ ќе ги учат лекциите за екстерно или нема да научат и ќе имаат неуспешно тестирање.
Власта во заминување не се откажува од екстерното тестирање, а СДСМ ветува дека ќе го укине ако формира влада. Тоа ги збунува основците и средношколците, а родителите се вознемирени.
Мируше Ахмети, директорка во Државниот испитен центар, вели дека тие мора да го следат Законот што е во сила, но вели дека ќе го почитуваат кога тој ќе се смени.
– Ако СДСМ не го смени Законот со кој е предвидено да се полага екстерно тестирање, сите ученици ќе го полагаат како и претходните години, ние сме подготвени. Но, ако владата одлучи поинаку, ние секако тоа мора да го почитуваме. Исто така, да ја потсетам јавноста дека минатата година имаше измени во Законот со кој се предвидува полагањето, каде што стои дека оценката од екстерно нема да биде забележана во свидетелството на учениците, со тоа нема да влијае на успехот, туку ќе се издава друг документ со оценка. Ако некој од учениците од оправдани причини не може да се појави на првото полагање на екстерното во јуни, тогаш може да полага во август, но ако меѓувреме од јуни до август можеби ќе има доволно време да се смени Законот, тогаш тие нема да полагаат – објаснува Ахмети.
Весна Хорватовиќ, одговорна во Бирото за развој на образованието, изјави дека тие навреме се подготвиле со прашањата за тестирањето и дека го почитуваат актуелниот закон. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, деновиве порача дека укинувањето на екстерното тестирање како едно од неговите ветувања во изборната кампања ќе биде реализирано на првата владина седница.
– Ако успееме да формираме влада во најкус можен рок, екстерното ќе биде укинато. Но, доколку не се стигне со роковите за влада, а тестирањето се одржи, резултатите нема да имаат никакви последици врз успехот на децата, односно нема да имаат влијание. Тоа што ние го подготвуваме е центар за обезбедување квалитет, нова институција, кој ќе врши редовна евалуација на образовниот систем преку целата година – велат од партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.