Најдобрите македонски кошаркарски екипи, кои оваа сезона играа и во АБА-лигата, МЗТ Скопје и Карпош Соколи ќе играат за титулата во македонското првенство, откако двата тима со максимални 3-0 славеа над своите ривали во полуфиналето, Куманово односно Работнички.
„Штрковите“ без проблеми го совладаа минатогодишниот финалист и во третиот натпревар, кој минатата сезона им зададе многу проблеми во финалето, па дури и успеа да ги совлада среде Скопје. Попладево во СЦ „Јане Сандански“ екипата на Анте Назор ја искористи првата меч топка и славеше во третиот меѓусебен дуел со 84-64.
Шампионот се соочи со многу прблеми во првите 20 минути и по подобрата игра под обрачите, кумановчани на големиот одмор заминаа со 39-43. Сепак, Дреновац и Мијатовиќ со позитивна серија од 11-0 на почетокот на третиот период донесоа пресврт, кој на скопскиот тим му донесе сигурна победа од 84-64.
Мијатовиќ со 22 поени им се одмазди на своите поранешни клупски другари, Дреновац беше автор на 19, а Синовац на 17 поени. Ка поразениот тим на Куманово најпозитивни беа двајцата кошаркари со презиме Пековиќ, откако заедно постигнаа 34 поени.
Карпош соколи продолжува да испишува нови страници во клупската историја, откако по освоениот трофеј во Купот на Македонија овој тим стигна и до своето прво финале во плејофот, славејќи со максимални 3-0 во полуфиналето против Работнички (65-76 во третиот натпревар). Вечерашниот дуел се одигра во театарска атмосфера, пред празните трибини во „Градски парк“ поради казната што им беше изречена на „црвено-белите“, кои трет меч во низа одлично им парираа на „соколите“, но ниту еднаш не успеаја да ги приземјат.
Соколите одлично го отворија резултатот и благодарејќи на репрезентативецот Бојан Трајковски (девет поени) стигна до предност од три поени по првата четвртина (19-16). Одбраната на Работнички функционираше одлично на стартот од втората четвртина, гостите за неполни пет минути постигнаа само два поени, но потоа избраниците на Докузовски се соочија со проблеми во нападот, а „соколите“ го искористија тоа за на одмор да заминат со резултат 28-33.
Лабовиќ погоди тројка на самиот старт од второто полувреме и ја најави одличната серија на гостинскиот состав. Работнички конечно успеа да влезе во ритам и да се приближи по двоцифрената негатива (31-41), домаќините стигнаа до 43-48, но потоа Зековиќ погоди тројка, па Соколов украде две топки и имаше лесни положувања за гостинскиот состав повторно да се одлепи резултатски.
Домашните кошаркари имаа еден последен обид да се вратат, откако одлично ја стартуваа последната четвртина и се приближија на само четири поени (54-58), но по тајмаутот на Николиќ гостите повторно се консолидираа, стигнаа до двоцифрена предност и на крајот славеа со конечни 65-76.
Бојан Трајковски со 21 поен беше клучен играч во овој триумф, заедно со Соколов кој постигна 14, додека најефикасни кај Работнички беа Чековски со 15 и Мираковски и Илиевски со по 12 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.