| четврток, 6 декември 2018 |

Поради учеството во протестите, на Владо Јовановски му е одземена улогата во „Преспав“

vlado jovanovskiВладо Јовановски, познат македонски актер и еден од лидерите на актуелните граѓански протести што ги организира иницијативата „За заедничка Македонија“, веќе нема да биде дел од телевизиската серија „Преспав“, која се финансира со пари од Европската унија, пишува „Дневник“. Ваква одлука на продуцентите деновиве му била соопштена на Јовановски, а за неговата улога на Миле, еден од тројцата браќа Бузалевски, веќе му е побарана алтернатива. Место него, овој лик, најверојатно, ќе го толкува Игор Џамбазов.

Kако што дознава дневниот весник, на состанокот што Јовановски го имал со Пеце Талевски, од продукцијата ОХО, нему му било кусо кажано дека соработката „веќе не може да продолжи“. При тоа не биле наведени конкретните причини зошто е веќе откажан неговиот аранжман во толкувањето на ликот кој, заедно со другите, ги доби симпатиите кај гледачите. Пеце Талевски од продукциската куќа ОХО не одговорил на телефонски повик и на пораката на „Дневник“ поврзани со овој случај.

Доколку во наредниов период се покаже дека на Јовановски учеството во оваа телевизиска серија му било откажано поради неговиот ангажман во граѓанските протести и политичките ставови што ги застапува, тоа ќе биде скандалозно вмешување на политичките фактори во уметничкото творештво.

Серијата „Преспав“, познато е, почна да се емитува од октомври минатата година и во рамките на нејзина прва сезона беа прикажани вкупно 25 епизоди. Снимањето на оваа серија беше овозможено најмногу со парични средства на Европската унија.

Инаку, Јовановски е еден од неколкумина лидери на граѓанските протести, кои веќе два и пол месеци ги организира граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ по улиците на Скопје и на повеќе други македонски градови. Десетици илјади граѓани секоја вечер се спротивставуваат на создавањето на новата владина коалиција меѓу СДСМ и политички партии на Албанците во земјава врз основа на тиранската платформа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top