Македонскиот пијанист со светски глас Симон Трпчески најавува светска премиера на неговиот најнов проект со музика од Македонија, насловен „Македонисимо“ која ќе се случи на 18 мај во рамките на престижниот Фестивал во Лудвигсбург, Германија.
– Оваа година за мене ќе биде одбележана со стартот на мојот најнов проект што го нареков „Македонисимо“, односно „ептен македонско“, посветен на мојот македонски народ. Станува збор за проект со македонска музика на кој што му се радувам искрено, како на мало дете. Многу долго време работев на него во мојата глава, од големиот број обврски до сега немав можност да го реализирам, но среќен сум што конечно се случува. На 18 мај на Фестивалот во Лудвигсбург, Германија, овој проект ќе ја има својата светска премиера. Јас го отворив овој фестивал минатата година, заедно со музичкиот уметнички директор, финскиот диригент Пиетари Инкинен. Луѓето беа одушевени и на многу спонтаната покана да настапам повторно ја кажав својата идеја и проектот на кој што работев и во тој период. Тие со отворено срце ја прифатија оваа идеја и посакаа проектов да се презентира кај нив. Секако дека сум им многу благодарен за тоа. Инаку, станува збор за проект што вклучува сплетови од македонски ора со неколку песни кои би донеле еден шарм на целата инструментална димензија на овој проект. Тие сплетови јас лично ги избрав и конципирав и при тоа би сакал да им се заблагодарам на вработените во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ за нивниот професионален придонес, совети, информации и материјали што ми беа од огромна помош, како и на вработените во Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, кои исто така ми помогнаа во подготовката на овој проект. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и за повторната исклучителна соработка со македонскиот композитор Панде Шахов. Тој ја потпишува музичката обработка на овие прекрасни музички дела и со навистина голем ентузијазам влезе во целиот овој огромен проект од 80 минути музика. Станува збор за проект што вклучува квинтет, камерно видување на нашата музика, односно вклучува пијано, виолина, виолончело, кларинет, саксофон и кавал и еден цел сет удиралки. На светската премиера во Лудвигсбург, покрај мене ќе настапат и Александар Краповски на виолина (работи во Операта во Барселона), Александар Сомов од Бугарија на виолончело (водач на челисти во Стразбуршката филхармонија,Франција). На кларинет, саксофон и на кавал специјално за оваа прилика, ќе настапи Хидан Мамудов од Штип (кој живее и работи во Виена), а зад удиралките ќе застане мојот колега Влатко Нушев, чии идеи се покажаа драгоцени во процесот на создавање на овој проект. Искрено се радувам и едвај чекам да се изведе проектот и се надевам дека ќе наиде на убав прием кај публиката, не само во Лудвигсбург, туку и насекаде низ светот каде што се надевам дека ќе успеам да го претставам– вели Трпчески во интервјуто за Македонското радио.
Во исчекување на светската премиера на „Македонисимо“, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески од почетокот на годинава концертираше во Швајцарија, на Флорида во Соединетите американски држави, имаше деби со Кралскиот шкотски симфониски оркестар (во Перт, Единбург и Данди), рецитал на фестивалот во Баден Баден, Германија, a настапи и со Дрезденската филхармонија во новата сала во Антверпен, Белгија, како и во Келн и два концерта во Дрезден. Во Варшава и Катовице, Полска настапи како солист на Радио-симфонискиот оркестар на Франкфурт. Во Лвов, Украина концертираше со виолистот Александер Земцов кој овој пат настапи како диригент, во британската престолнина како солист на Лондонскиот симфониски оркестар под диригентската палка на нивниот нов гостин-диригент Франсоа Гзавие-Рот во „Барбикан центарот“, а во распродадениот „Ројал Алберт Хол“ и на гала концертот на „Класик еФ-еМ“. По втор пат настапи и во Богота, Колумбија, со челистот Даниел Милер Шот и со Оркестарот на Хале од Германија. Во мај се случија и вторите настапи со Шведскиот камерен оркестар, како и првото гостување во Палермо, Италија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.