| четврток, 6 декември 2018 |

ЗЕЛС го осуди убиството на градоначалникот на Боговиње

ЗЕЛС го осудува чинот на грозоморното убиство што беше извршено утрово врз градоначалникот на општина Боговиње, Хазби Идризи, долгогодишен член на Заедницата и активен учесник во нејзиното јакнење и унапредување.

– Градоначалниците, општинските советници и сите вработени во локалната власт во земјава се длабоко потресени од овој немил и неочекуван настан, особено што е извршен врз личност со високи морални вредности и голема професионална одговорност. Станува збор за еден од најуспешните градоначалници, кој беше целосно посветен на развојот на децентрализацијата на власта и развивањето на демократските процеси во земјава, стои во соопштението од ЗЕЛС.

ЗЕЛС, како што се наведува, загуби човек кој со своето огромно искуство претставуваше силна потпора за нејзин континуиран развој и поборник за консензуално решавање на сите предизвици.

– Неговите успеси ги потврдуваат не само неговите сограѓани од општината Боговиње, туку тие беа длабоко почитувани и применувани од другите општини во земјава и надвор од неа, се наведува во соопштението.

ЗЕЛС упатува искрено жалење за огромната загуба и до неговото семејство и апелира до надлежните органи за поитно утврдување на причините за стореното злосторство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top