За првпат во својата историја ракометарките на Вардар ќе играат финале на Лигата на шампионите и со победата во полуфиналето над ЦСМ Букурешт со 38-33 веќе го остварија најголемиот успех во клупската историја. Вардарки во четвртиот обид го прескокнаа полуфиналето и им се реваншираа на Романките за ланскиот пораз. Утре за европската круна ќе се борат против Ѓер (17.45 часот).
„Црвено-црните“ одиграа фантастично во ова полуфинале во сите сегменти и на ЧСМ Букурешт му наплатија со камата за поразот во ланското полуфинале на Ф4. По 12 години од последното финале на Кометал ЃП против Шлагелсе во 2005 година, Македонија повторно има тим што ќе игра за титула во ЛШ. На чекор од историско постигнување е и Ирина Дибирова која само еден месец откако седна на клупата на Вардар, утре има можност да заврши на победничкиот подиум и да стане прва во историјата што освоила шампионска титула во ЛШ и како играч и како тренер.
Вардар може слободно да се каже дека победата ја осигура уште по првите осум минути од мечот кога направија огромна предност од 7-1. Актуелниот шампион комплетно беше исфрлен од игра. Романките останаа затекната од играта на Вардар. Не успеваа да одговорат во исто темпо, а брзото водство на Вардар дополнително им ја разниша самодовербата, посебно во нападот. Многу грешеа, ретко го погодуваа голот на Лејно. Всушност по првите 11 минути, Лено успеа да ја совлада само Изабел Гулден која ги постигна првите три гола за ЧСМ Букурешт. За разлика од конфузната игра на романскиот тим, вардарки во овој период играа како по ноти. Секоја грешка ја казанува со погодок и ја одржуваа преднсота на 5-6 гола. Актуелните шампионки ни оддалеку не наликуваа на ланскиот тим кој беше изненадување на завршниот турнирот и на крај сензационално завршија на подиумот. Во одбраната на шампионската титула, ЧСМ Букурешт не играше шампионски и делуваше очајно немоќно против разиграните вардарки.
Беспрекорната игра во одбраната на чело со голманките Амандин Лејно и Ина Суслина кои бувално ја спуштија ролетната пред својот гол им овозможија на своите колешки во нападот со разноврсна игра да постигнуваат голови од секоја позиција. Во првото полувреме Ина Суслина со три одбранети седмерци во серија делуваше поразително за ЧСМ Букурешт, додека Лејно успеа да фати осум топки.
вардарки сигурно чекореа напред и во 21.минута веќе имаа двоцифрена предност (8-18). За 25 минути игра во полуфиналето на Ф4, веќе имаа постигнато 20 гола (9-20) што дополнително ја зголеми самодовербата во редовите на македонскиот шампион.
Вардарки на одмор заминаа со предност од 13-21, а во последните секунди од првиот дел, директен црвен картон заработе Татјана Хмирова поради недозволениот прекршок врз Кармен Мартин која од контра го постигна 13 погодок за ЧСМ Букурешт.
Второто полувреме започна со головите на Торстенсон и Мехмедовиќ за 15-23 во 34. минута. Радичевиќ од контра-напад во 38. минута ја врати двоцифрената предност (27-17) и спокојот кај вардарки. Следеше серија на Романките од 3-0 и тајм-аут на вардаровата клупа. Не минаа ни четири минути, а вардарки со серија 4-1 се вратија на +10. Така во еуфорија и без нималку драма Вардар го приведе мечот кон крај за финални 38-33.
Андреа Пенезиќ и Јованка Радичевиќ со седум гола беа најефикасни кај македонскиот шампион, пред Лекиќ со по шест и Лакабрер со пет постигнати погодоци.
Играта на вардарки и големата разлика на семафорот ги крена на нозе и оние стотина навивачи кои допатуваа во Будимпешта да му дадат поддршка на макеоднскиот шампион. Тие веруваа во вардарки и во нивниот сон и заедно го прославија првото финале на „црвено-црните“ во Лигата на шампионите.
Вардарки утре (17.45 ч.) ќе играат против Ѓер и полните трибини во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта во големото финале за првата шампионска титула во ЛШ. Пред финалето со почеток во 15.15 часот ќе се одигра мечот за 3.место меќу Будуќност и ЧСМ Букурешт
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.