| четврток, 6 декември 2018 |

Ѓер обезбеди ново финале во Лигата на шампионите

ger

Ракометарките на Ѓер ќе се борат за третата титула во Лигата на шампионите. Унгарскиот првак е првиот финалист на завршниот турнирот во Будимпешта, откако денеска во првото полуфинале славеше против Будуќност со 26-20.

И минатата година на Ѓер беше поуспешен од црногорскиот првак во полуфиналната пресметка, а својата доминација ја потврди и годинава, пред своите гледачи во „Ласло Пап Арена“. За Ѓер ова ќе биде шесто финале во најелитното европско натпреварување во кое ја освои шампионската титула во 2013 и во 2014 година.

Избраничките на тренерот Амброс Мартин уште на стартот ја имаа контролата на играта и на резултатот. Анита Горбиц го постигна првиот гол на Ф4 турнир во Будимпешта за почетно водство. По првите осум минути, Ѓер имаше водство од 1-4. Будуќност главно преку бековската линија со головите на Катерина Булатовиќ и Кристина Неагу, успеа да се врати во игра намалувајќи на 4-5 на средината од полувремето. Но, Ѓер не дозволи пресврт, делуваше сигурно на терен и брзо стигна до +5 поведуваќи со 6-11, а на одмор заминаа со предност од 9-12.

Искусната Анита Горбиц од седмерец ја зголеми предноста на унгхарскиот тим, a по десет минути веќе стигнаа до највисоки +6 (10-16). Сигурната игра во одбраната на Ѓер го сопре нападот на Будуќност, а тоа им отвори можност да постигнат лесни голови од контранапади и да се одржуваат на безбедна предност која на крај им донесе победа со 20-26 и пласман во големото финале во ЛШ.

Анита Горбиц го заврши натпреварот со девет гола, Нике Грот постигна пет, а Едуарда Аморим Талеска заврши со четири гола во победата на Ѓер. Кај Будуќност нападот го предводеа Кристина Неагу со седум и Катерина Булатовиќ со шест гола.

Ѓер во борбата за титулата во утрешното финале го очекува победникот од вториот полуфинален дуел меѓу Вардар и ЧСМ Букурешт што почнува во 17.45 минути во „Ласло Пап“ арената во Будимпешта. Будуќност пак, втора година по ред со поразениот од овој дуел ќе се бори за третото место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top