Уште од самиот почеток и појавувањето на велосипедот кон средината на 19 век, превозот на две тркала станал составен дел од секојдневниот живот на луѓето. Велосипедизмот нашироко се цени и е прифатлив како ефективен и ефикасен модел за превоз, идеален за кратки или средни растојанија од 10 до 15 километри. Придобивките од возење велосипед се огромни, а како една од нив, секако, е и фискултурата и рекреацијата.
Здравиот живот е една од најценетите работи во светот, а за тоа, секако, помага и рекреативното возење велосипед во слободно време. Сѐ поголем е бројот на велосипедисти што крстарат по патиштата и по планините низ Македонија.
Сѐ повеќе за време на викендите се организираат големи тури во кои учествуваат повеќе стотини рекреативни возачи на велосипед.
Задоволството е големо бидејќи се вози во групи, се раѓаат големи пријателства, се живее здраво. Освен организирани групи од повеќе школи за велосипедизам, има и индивидуалци, кои самоиницијативно го користат велосипедот како основно средство за рекреација.
Според начинот на рекреирање со велосипед, постојат две основни поделби. Возење по планински и по друмски патеки и возење на асфалт. За таа цел, исто така, производителите на велосипеди од светските реномирани и познати марки произведуваат и повеќе типови велосипеди.
Во нашата држава има рекреативци што ги имаат и двата типа велосипеди, во зависност од потребата и од намената на предвиденото возење. Сепак, најчесто по патиштата, планините и по улиците на градовите, се користат универзални велосипеди, за двата основни типа рекреација со велосипед.
За жал, во Скопје, а и во другите градови во Македонија, сѐ почесто може да се слушне за сообраќајна незгода во која е вклучен велосипед. Тоа е така затоа што возачите најчесто не ги земаат предвид велосипедистите како редовни учесници во сообраќајот. Сепак, вината не е само кај возачите на автомобилите, туку секој велосипедист мора да се движи по обележана велосипедска патека, ако е тоа возможно. За да се заштитат од незгоди, за велосипедистите е предвидена и целосна опрема, која, според законот, мора да се поседува. Основен дел од опремата е заштитната кацига, која овозможува целосна заштита на главата од несакани удари или падови. Освен кацигата, предвидени се и штитници за дланките, специјални ракавици, штитници за колениците, зглобовите, рамената.
Продавачите на велосипеди, освен велосипедот, имаат предвидено и продажба на ваков сет заштитна опрема, која, во зависност од квалитетот, има и различна цена.
Цената на еден солиден велосипед со одлични карактеристики може да биде од 500 евра, па сѐ до неколку илјади евра, а заштитната опрема се движи околу 200 евра.
Во нашата држава се организираат повеќе рекреативни тури, а најчести дестинации се планината Водно, обиколницата околу Мавровско Езеро, патот од Охрид од Свети Наум и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.