Американскиот производител на оружје „Браунинг“ произведе ловечки карабин „X-Bolt Long Range Hunter“. Тоа е пушка со голем дострел и е создадена да достигне поголема брзина и дострел со помала тежина. Без оглед дали се лови крупен дивеч на планински терен или дивокози на карпест предел, процентот на успешност со ова оружје несомнено е многу голем.
„X-Bolt Long Range Hunter“ е оружје со средна должина на цевка од 66 сантиметри и со осум жлеба за помала тежина и поголемо ладење. Изработена е од јаглеродни влакна со два слоја за помала тежина и поголема цврстина. Кундакот е изработен од специјален материјал кој овозможува поудобно и полесно држење на пушката при студено време. Цевката е изработена од нерѓосувачки челик, кој не дозволува отсјај од сонце. Таа е трипати проверена за квалитет, а рачната изработка на воздушните комори обезбедува поголема доследност и прецизност.
Во магацинот собира три куршуми кои се со калибар од 6,9 милиметри со тесно, но долго зрно. Барутното полнење е многу големо и дозволува голем дострел. Испукувањето може да биде на два начина, и тоа со две или со едно колено, во случај ловџијата да биде изненаден од некое животно во непосредна близина.
Секој ловџија лесно може да го користи ова оружје и да биде потполно безбеден бидејќи главната кочница е на дофат на прстите без да има потреба да го тргне погледот од метата.
Покрај мануелниот нишан, „X-Bolt Long Range Hunter“ најчесто се користи и со оптички нишан за стрелба на поголеми далечини.
(Текст објавен во 113. број на неделникот Република, 31.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.