Фредерик Бегбеде, писател, литературен критичар, есеист, режисер, телевизиски водител и повремен диџеј, допатува во Скопје за да ја промовира својата најнова книга „Уна и Селинџер“, а кај нас досега се објавени и романите „399“, „Љубовта трае три години“, „Романтичен егоист“, „Француски роман“… Бегбеде е еден од најзначајните француски писатели и најконтроверзни европски автори на 21 век, а светска слава здобива преку своите романи, кои се преведени на повеќе од 80 јазици. Посетата на Скопје беше организирана од издавачкиот центар „Три“, кој ги објавува книгите на Бегбеде, но и од Францускиот институт во Скопје. Токму во просториите на Институтот Бегбеде одговараше на повеќе прашања, разговараше со присутните, беше стрплив со многубројните читатели, кои бараа да им ги потпише книгите или да се фотографираат со него. Љубезно позираше за „селфи“…тоа беа сцени за паметење. Иако го следи имиџот на „лошо момче“, го нарекуваат „светото дете на Париз“, „книжевна ѕвезда“, а неговите книги предизвикуваат скандали и полемики, регрутираат голем број вљубеници, но и противници… неговата љубезност и пристојност во средбите со читателите укажува на момче од добро семејство, што е целосна спротивност од инцидентите по кои е познат и надвор од границите на својата земја. Имено, во 2008 година Фредерик заедно со уште еден француски писател е уапсен поради консумирање кокаин од хаубата на автомобилот. Своето затворско искуство го преточува во „Француски роман“, за кој во 2009 година добива книжевна награда. Неговата мајка е преведувач од англиски јазик, а татко му ловец на таленти, што на Фредерик му овозможило да се школува во елитни училишта. По студиите во Париз сите очекувале да го продолжи школувањето, но Фредерик почнува да организира забави со пријателите. Тешко е да се следат сите активности на овој т.н. контрадикторен денди, кој често ги цитира руските класици, многу чита и пишува… Инспирација за своите романи најчесто наоѓа во светот на модата, маркетингот и на бизнисот, во кој израснал. Дури и својот сајт на интернет го нарекол С.Н.О.Б. иако за себе вели дека е „БОБИ“ – богаташ бунтовник.
Токму среде бурните настани во земјава Фредерик Бегбеде, принцот на парискиот литерарен шик, дојде на прва средба со македонските читатели. Пристигна истиот ден кога се случуваа непријатните настани во македонското Собрание и веднаш во свој специфичен манир ја коментираше состојбата…
– Дента кога пристигнав имаше голема бркотница во Скопје, најверојатно се прашуваа дали ќе дојдам или не. Искрено се надевав дека ќе дојдам во земја во која ќе почувствувам спокојство, бидејќи доаѓам од земја каде што сите се борат за власт. Но, доаѓајќи тука по сето тоа што се случуваше овде вчера , се чувствувам како дома.
За почетоците, инспирацијата, поттик за пишување и за брилијантната кариера, Бегбеде рече…
– Почнав да пишувам многу млад, на 24-годишна возраст. Но, тоа не ме подмладува, тоа беше пред 27 години. Тие што се добри по математика сега ќе ја откријат мојата возраст. Почнав да пишувам сосема случајно. Сакав да ја раскажам приказната на еден алтер его, Марк, кој сака многу да се забавува и, во суштина, тоа е главниот лик, кој се провлекува низ моите први три романи. Што се однесува до тоа што би можело да влијае од надворешниот свет или ми влијаело на моето пишување, сметам дека тоа е само делумно точно. Во мојот прв роман мојот главен лик се наоѓа во Прага каде што се случува кадифената револуција. Значи, имаме еден човек во Прага, тој е вљубен во речиси секоја девојка, но зад таа површност на неговото живеење се случуваат многу длабоки работи. Тој одеднаш е конфронтиран со реалноста што го опкружува. Токму и мојата книжевност, моето пишување можам да го квалификувам со таков пристап: покрај една површност и пристап што е ироничен, кријам еден приказ на една реалност што е многу подлабока и еден пристап што е повеќеслоен.
Секогаш уникатен во темите… Го прикажувате „животот без шминка“…
Бегбеде: Зад мојот роман „399“ стои истата приказна. Сакав да напишам роман во кој ќе го критикувам светот на маркетингот, на рекламите итн. Но, потоа самата книга стана еден памфлет на сето потрошувачко општество, на сите претерувања што се прават во поглед на потрошувачката, продажбата, купувањето… Сакав тоа да биде критика кон општеството. Со неа ја покажав апсурдноста на нашето живеење. Истото ова може да се најде и во мојот роман „Прозорец кон светот“, каде што едно семејство од три члена спокојно седи во еден ресторан сместен на најгорниот кат од една кула… Одеднаш во нивниот живот насилно ќе влезе политиката. Бидејќи, во суштина, тероризмот е политика претворена во убиство. И во мојот последен роман „Уна и Селинџер“ има еден сличен пристап, каде што сето тоа многу спокојно и кул почнува во еден ноќен клуб, во Њујорк, во 1940 година, и одеднаш Втората светска војна се појавува како реалност, која ќе ги раздели двата главни лика и ќе ја уништи љубовта. Моите романи секогаш почнуваат мошне едноставно за потоа да ја покажат пошироката слика.
Можеби затоа се толку успешни…
Бегбеде: Се вели дека добриот писател секогаш ја повторува истата книга. Во мојот случај би можело да се каже дека сум одличен писател, бидејќи секојпат ја повторувам таа приказна, односно луѓе кои не можат до крај да останат лежерни како што се.
Во оваа линија би можел да се стави и мојот филм „Идеал“ во кој главниот лик е во Москва и живее мошне удобен живот. Тој е ловец на талентирани модели и негова задача е да најде млади убави девојки, кои понатаму би биле вклучени во модната индустрија. Но, одеднаш тој почнува да се преиспитува себеси и да се бунтува против тој свет на модата, кој на луѓето им наметнува модели на младост, на убавина, на успешност, каде што, всушност, на крајот остануваат заробени.
Во процесот на пишување што е поважно: нарацијата или приказната?
Бегбеде: Не е толку важно дали ќе најдете добра приказна за да ја раскажете, туку, едноставно, колку и како ќе успеете сето тоа да го организирате, односно колкава доза на импровизација или организација ќе ставите во пишувањето. Јас сум и книжевен критичар. Разговараме во оваа библиотека ги гледам сите овие книги и за некои автори може да речам дека се добри наратори или имаат добра приказна, но премногу внимание посветуваат на динамиката на самиот расказ, додека во пишувањето треба да се најде една добра рамнотежа меѓу динамиката и одењето во детали во самиот стил. Ако, пак, одите премногу во детали, заборавате на динамиката на расказот и повторно нема добар резултат. Така што тајната е во добрата избалансираност. Некогаш може да се случи по цел ден пишување да бидете задоволни со сработеното. По неколку недели, кога ќе се навратите на таа страница и убаво ќе ја прочитате, ќе видите дека тоа, можеби, е најздодевниот дел од вашата книга.
Ве нарекуваат идеолошко дете на Мишел Уелбек и најдобар писател на новата книжевна сцена во Франција…
Бегбеде: Без некакви претензии, ако сакаме да проговориме за историјата на книжевноста би морале да кажеме дека токму новиот роман беше еден ќор-сокак. Овде се надоврзувам на тоа што го говорев претходно. Тоа е една игра со стилот, едно претерување со стилот во однос на расказот или нарацијата. И од тие причини, тоа се покажа како неуспешно. Заедно со Мишел Уелбек и неговиот роман „Елементарни честички“, кој беше објавен во 1998 година, сметам дека заедно се навраќаме кон расказот и кон нарацијата. На некој начин, во смисла на балзаковска традиција се навраќаме на класичниот роман, каде што стилот е важен, но ние, навистина, ви раскажуваме приказна. Во моето пишување јас бев инспириран од Мишел Уелбек, но и од многу американски автори. Бев инспириран од пристапот во кој се опишуваа обични работи… да опишеме аеродром, да говориме со јазикот на телевизијата, да користиме изреки од рекламите… и од сето тоа да направиме книжевност. Сметам дека ние направивме чекор напред во однос на новиот роман што беше искуство кое по некое време, на некој начин, веќе почна да се врти во круг. И со тоа мислам дека ја осовременивме книжевноста.
Читањето е мошне важно за Вас…
Бегбеде: Кога почнав да го пишувам „Француски роман“ мојот автобиографски роман во кој говорам за моето детство и за моето семејство, јас, се разбира, не го читав Жан Жак Руско, кој е пар екселанс автобиограф, туку отидов на Натали Сарот, Жорж Перек, „Зборовите“ од Жан Пол Сартр… Секогаш пишуваме почнувајќи од сето тоа што ни претходело. Јас три години бев директор на издавачката куќа „Фламарион“ во Франција и имав многу млади автори на кои постојано им велев: „Не сте читале доволно. Треба повеќе да читате. Читајте сѐ. Мора многу да читате за да успеете да постигнете нешто. Сметате дека сте нашле некоја оригинална идеја, но, во суштина, таа е веќе 400 пати ја напишале или ја обработиле на многу подобар начин луѓе што одамна починале. Постојат многу причини за да читате, но една од причините е за да проверите дали тоа што сте го напишале е оригинал“.
Го промовирате романот „Уна и Селинџер“ – приказна проткаена со многу среќа, но и со многу тага… Говорите за едно време кога писателите имаа статус… Како да жалите за тоа?
Бегбеде: Нема да се жалам бидејќи еве денеска сум овде и се сретнувам со многу читатели и почитувачи на книжевноста, говорам со вас… Ако сакате слава или престиж може да се појавувате на телевизија, да говорите за книжевност…Оваа тага сметам дека е поради тоа што сум по малку љубоморен на таа епоха. Денеска писателот го нема тој статус што го имал еден Ернест Хемингвеј, еден Скот Фицџералд, а да не одиме уште поназад, еден Виктор Иго. На погребот на Иго имало еден милион луѓе и претставувало Вудсток на своевиден начин. Секогаш сте љубоморни на претходната генерација, секогаш мислите дека вашите родители или прадедовци се забавувале повеќе од нив. И Шарл Бодлер во книгата „Соголено срце“ вели дека е готово, поезијата е мртва, веќе нема писатели… итн, а денеска ние наизуст ги учиме неговите песни.
На саемите на книга околу вас постојано се собира многу народ. Вие сте популарен автор. Како гледате на тоа?
Бегбеде: Саемите се добра можност да сретнете многу ваши читатели. Саемите ја хранат нарцисоидноста на авторот бидејќи по средбите со толку многу читатели егото расте, но тука е и фетишизмот на читателите што доаѓаат и бараат потпис од писателот. Но, за мене вистинското задоволство е читањето книги, сам, дома, и доколку си задоволни од книгата да му напишеш на авторот. Од тоа нема поголемо задоволство.
Во „Љубовта трае три години“ се чини дека навистина сметате дека трае толку, но на крајот оставате простор… Ќе напишете „љубовта е единствената програмирана измама, единствената предвидлива несреќа на која ѝ се враќаме, која повторно и повторно ја бараме“. Дали е ова Вашата дефиниција за љубовта? Што претставува таа за Вас? Како гледате сега на ова?
Бегбеде: Интересно е што токму жените го поставуваат тоа прашање затоа што сметаат дека три години е премалку, додека мажите сметаат дека е премногу. Првиот дел го одбрав малку егоистично, затоа што мојот прв брак траеше три години, но подоцна, откако се обидов малку да се информирам и врз основа на податоци од областа на хемијата, биологијата, статистиката се гледа дека е утврдено дека тоа е токму периодот колку што би требало да трае љубовта. Подоцна го снимив и филмот и таму продолжив да си го поставувам истото прашање и не успеав да добијам одговор дали љубовта, навистина, трае три години, но сметам дека се менуваме, старееме, по извесно време не сме истите и не би требало да бидеме тажни кога ќе дојде крајот затоа што самите ние не сме истите од почетокот на љубовта. Тој роман е напишан во 1997 година, а денеска е 2017 година. Можеби љубовта трае само три години, ама книгата, еве, сѐ уште трае. Насловот на книгата беше одлично одбран и тоа постојано се потврдува бидејќи тој треба да предизвикува прашања, дискусии… а најмногу од сѐ да ја поттикне желбата да се отвори книгата и да се прочита.
Разговараше: Невена Поповска
(Текст објавен во 244. број на неделникот „Република“, 5.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.