| четврток, 6 декември 2018 |

„Лошото момче“ на француската книжевност Фредерик Бегбеде е во Скопје

Писателот Фредерик Бегбеде, еден од најпопуларните претставници на француската и европска книжевна сцена, автор на романите „399“, „Љубовта трае три години“, „Романтичен егоист“, вечерва во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ пред скопската публика го претстави својот последен роман преведен на македонски јазик „Уна и Селинџер“.

Бегбеде дојде по покана од својот македонски издавач, Издавачкиот центар „Три“.

Просторот во „Јавна соба“ беше претесен за сите читатели кои дојдоа во живо да го запознаат „Лошото момче“ на француската книжевност.

18156936_1647629761931329_6533505385160077747_n

Од посетата на Бегбеде на Францускиот институт во Скопје

Фредерик Бегбеде е автор на 11 романи, есеист, книжевен критичар, режисер, телевизиски водител и (повремен) диџеј. Преку своите романи преведени на повеќе од 80 јазици тој стекнува и светско реноме како еден од најпопуларните современи писатели. Самиот се опишува како производ на консумеристичката ера и олицетворение на денешното општество, па тоа и го отсликува во своите романи. Го опишува современиот живот без пардон, со нарација која заведува и искреност која вознемирува. Раскажувач на човечката состојба, критичар и припадник на париската елита, како и обземен од сопствената личност, тој не се колеба да изнесува автобиографски елементи во своите дела.

Контроверзен автор кој сака да ја допре секоја област поврзана со „болестите на нашата ера“ и често намерно контрадикторен во своите дела, Бегбеде е личност за која секој има мислење. Мишел Уелбек го вбројува меѓу своите пријатели и кога му бараат да го опише со еден збор, тој вели за Бегбеде – многу добра душа. Фредерик Бегбеде е член на жири на голем број книжевни награди, меѓу кои наградата „Prix de Flore“ за нови автори, која ја воспоставува самиот во соучество со култното „Кафе де флор“ во Париз, по кое е и наречена наградата.

Неговиот нов роман „Уна и Селинџер“ е безвременска приказна за една љубов која, како и сите вистински љубовни приказни, во себе обединува моменти на највисока среќа и најдлабока тага, најискрена надеж и најтешки разочарувања. Потпирајќи се на вистинити приказни и на историски факти, Бегбеде го води читателот низ ноќните клубови во Њујорк во четириесеттите години, во битките од Втората светска војна во Франција, среде интригите на филмската индустрија во Холивуд… Неговите главни ликови се историски личности: славниот и мистериозен писател Џ. Д. Селинџер и Уна О’Нил, ќерката на еден од најголемите американски драматурзи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top