Гостинот од САД, Хојт Ји, и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, го поддржаа државниот удар во Македонија и отворено застанаа против македонскиот народ признавајќи му го легитимитетот на Талат Џафери како претседател на Собранието на Македонија. Американските дипломати од старата администрација на Обама, кои се на листата за откази во Стејт департментот, а од портпаролот на новиот државен секретар се именувани како „аматерска екипа“, можеби сѐ уште имаат моќ да ги контролираат и уценуваат пратениците, но никако не можат да го исперат мозокот на македонскиот народ и во ниту еден случај не можат да го направат Џафери легитимен затоа што во постапката за негово изгласување беа прекршени Уставот, законите и Деловникот на Собранието.
Ако овој брутален начин на силување на парламентарната демократија за Ји и за Бејли е демократски и легитимен, ги прашувам зошто досега нивната Демократска партија не го искористи истиот модел за смена на актуелниот претседател на САД, ним омразениот Доналд Трамп, кого од прв ден го опструираат во работата, а истовремено го обвинуваат дека нелегално ги добил изборите и дека претставува голема опасност за Америка?
Се разбира дека такво сценарио никогаш нема да видиме во САД, ниту во која било друга демократска држава, затоа што тоа нема никаква допирна точка ниту со демократијата ниту со борбата против криминал. Тоа е директно газење на Уставот и на законите, киднапирање на државата и злоупотреба на народната волја изразена на избори. И во САД и во која било друга држава, секој што ќе се дрзне да организира вакво сценарио ќе заврши зад решетки до крајот на животот. За жал, гледаме како во Македонија пред очи на народот насилно се презема власта која треба да ја разнебити државата и за тоа не одговара никој друг, освен граѓаните што се осмелија да ја одбранат! Сценариото со кое беше испровоциран упадот во Собранието на 27 април имаше цел да го претстави единствениот заштитник на државата – народот како нецивилизирана орда која не заслужува никакво внимание од „нормалниот демократски запад“. Неговите легитимни и чисти како солза барања за зачувување на унитарноста на државата мораше на кој било начин да се извалкаат за да се амортизира притисокот од јавноста врз квислинзите. На сметка на народот, пак, предавничката банда од СДС сега се претставува како жртва која свесно се жртвува за некакви демократски вредности.
Сценариото и начинот на неговата реализација беа очекувани. Неизвесен беше само денот кога ќе се случи насилното преземање на власта. На вака очигледно сценарио ВМРО-ДПМНЕ покажа неподготвеност од позиција на власт да се справи со предизвикот и да ги одбрани националните интереси на македонскиот народ – обврска која народот му ја даде на последните избори на 11 декември. За тоа, партијата и раководството ќе мора да понесат одговорност. Потфрлија и судот, обвинителството и полицијата, кои не беа на висина на задачата за да го заштитат суверенитетот на државата. На браникот на државата останаа претседателот Иванов, барем засега, и народот на улица, кој се заплашува со апсење. Но, тој останува на улиците и покрај сите закани одржувајќи го непокорот на македонскиот народ. Неговата храброст и одлучност треба да бидат пример за сите што си ја сакаат татковината. Ако Иванов попушти на притисоците и ако народот се повлече од улиците, ќе можеме слободно да кажеме збогум Македонија.
Овој преседан по никоја цена не смее да добие легитимитет не само за доброто на Македонија, туку и за доброто на целиот регион. Шверцерскиот начин на избор на претседател на Собранието остава можност на ист начин надвор од процедурите, а со поддршка на некои центри на моќ, да се реализира целата тиранска платформа, од воведување целосна двојазичност, преку федерализација на државата и промена на името на државата, па сѐ до поделба на државата и прогласување на Илирида. Кој сега може да каже дека истото сценарио нема да се искористи и во соседството за предизвикување тотален хаос, нова војна на Балканот?
На Заев и на криминалната банда мора да им биде јасно дека еден ден ќе одговараат пред народот за нападот на државата. Уште од сега треба да им биде јасно дека ниедно оправдување од типот „донесовме нов живот“ нема да им помине затоа што криминалот не се гони со криминал, а демократијата не се брани со недемократски средства. Патолошкиот лажго Зоран Заев, освен што ќе одговара за злоделата кон државата, ќе остане да се памети во историјата како најголемиот предавник на својот народ и како едно од најгрдите лица на Македонија.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.