| четврток, 6 декември 2018 |

ГРОМ предлага широк консензус за излез од длабоката криза

ГРОМ смета дека антидржавно дејствување е тепањето на пратениците во Парламентот и тоа го осудува. Се случило во некои земји пратеници да се степаат меѓу себе, што е непримерно, но граѓани да тепаат пратеници е повеќе од недозволиво

Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) смета дека од осамостојувањето на државата до денес, Република Македонија не била во поголема политичка и безбедносна криза и затоа предлага широк консензум за излез.

– Оваа денешнава е потешка и поопасна дури и од кризата која ја имавме во 2001 година – изјави претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Претседателот Јакимовски понатаму истакна дека во изминативе две години имавме постојано присуство на претставници од Брисел и Вашингтон, каде што во целост ги следевме нивните сугестии од кои произлезе и Пржинскиот договор.

grom

– Ние како политичка партија, Пржинскиот договор го нарековме „пржинска“ измама затоа што и тогаш и сега не веруваме во него. Денес сме сведоци дека нивните инструкции и нашата послушност не не доведоа до разрешување на политичката криза во Македонија, туку напротив сме доведени до работ на граѓанска војна. ГРОМ смета дека вчера беа извршени повеќе антидржавни дејствија од политичките партии, пратениците во Собранието на Република Македонија и од индивидуални граѓани – истакна Јакимовски.

Првиот човек на ГРОМ смета дека однесувањето и дејствијата што ги преземаа одделни пратеници во Собранието и самоволието на одделни граѓани не придонесуваат за мирот и безбедноста на граѓаните, туку напротив, ќе доведат до нови конфронтации.

ГРОМ смета дека антидржавно дејствување е тепањето на пратениците во Парламентот и тоа го осудува. Се случило во некои земји пратеници да се степаат меѓу себе, што е непримерно, но граѓани да тепаат пратеници е повеќе од недозволиво.

Според ГРОМ антидржавно дејствување е да не се обезбеди безбедност на сите пратеници и граѓани во оваа држава.

– Исто така, антидржавно делување е да се пее химната на странска држава во Собранието на Република Македонија и е провокација без преседан.Антидржавно однесување е кога претставниците на законодавниот дом не го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија кои сами ги донесуваат. Антидржавно дејствување е избор на претседател на Собранието на Република Македонија, односно на вториот човек во државата, на начин спротивен на Уставот. ГРОМ категорично изјавува дека не е против господинот Талат Џафери да биде претседател на Собранието на Република Македонија, но е енергично против да биде избран на начин спротивен на деловникот на Собранието – рече Јакимовски.

Оттука, ГРОМ го осудува говорот на омраза на одделни пратеници кои не водат сметка дека со своите екстремни ставови ги подгреваат емоциите кај граѓаните и водат кон конфликти.

– Упатуваме апел до одделни претставници од меѓународната заедница , доколку се добронамерни и сакаат да ни помогнат, да не даваат еднострана поддршка на било чија страна, туку напротив, да дадат свој придонес за смирување на тензиите во Република Македонија. Исто така, ги повикуваме граѓаните на Република Македонија од сите етнички заедници и различна верска припадност, да бидат мудри и достоинствени, да не влегуваат во конфронтации и насилства, затоа што таквите инциденти само помагаат кон остварување на црното сценарио за Република Македонија. По којзнае кој пат, видовме дека целата мудрост и визија не е само кај лидерите на т.н четири политички партии, туку, треба да се остварат пошироки консултации со сите парламентарни политички партии, се со цел да најдеме излез од загрижувачката ситуација во Република Македонија – нагласи лидерот на ГРОМ Јакимовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top