Со почетокот на ловната сезона во Македонија, која традиционално почнува во октомври, многу љубители на ловот се подготвуваат за излегување на терен и за отстрел на крупен дивеч, кој прави штети на населението во планинските, но и во рамничарските места во нашата држава.
Едно од оружјата што го користат ловците е и ловечкиот карабин М85 на „Црвена застава“.
Традицијата на производство на овој карабин е подолга од 100 години, а е втемелена во традиционалниот концепт на производство на модели на ловечки пушки од репетирен тип.
Цевката на пушката се изработува од хромванадиумски челик, по метод на ладно ковење. Во децениското експлоатирање е задржан начинот на производство, кој дава постојана точност и прецизност, така што методот на изработката е оправдан иако бара специјална и масивна опрема и долго време на изработка.
Кундакот на ловечкиот карабин е изработен исклучително од избрано квалитетно оревово дрво. Облиците на кундакот се изработуваат во два вида, во зависност од желбата на ловецот. Крајот од кундакот е секогаш направен од гума, која го штити дрвото од оштетување при оставање на пушката и ги апсорбира реактивните удари по телото на ловецот при пукање.
Ловечкиот карабин М85 е безбедно оружје кај кое е вградена сопирачка на системот за активирање. Постојат два типа механизми за пукање, со едно и со две колена. Пушката е опремена со механички нишан, а на местото на магацинот за муницијата се изработени навои преку кои може да се монтира оптички нишан, кој служи за острел на диви животни на поголема далечина.
Ловечкиот карабин има калибар од 7,62 милиметри и користи муниција со мала енергија, а во магацинот собира пет куршуми.
Секое оружје по неговото користење мора да се исчисти со специјални средства за да се заштити од корозија на металните делови и од црвојадина на кундакот.
(Текст објавен во 112. број на неделникот Република, 24.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.