| четврток, 6 декември 2018 |

Кинотека на Македонија ќе ѝ го додели „Златниот објектив“ на Илинденка Петрушева

По повод Денот на роденденот на Кинотеката на Македонија, ова признание се доделува на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира. Досегашни добитници на оваа награда беа доајените на македонската кинематографија – Благоја Дрнков, Трајче Попов, Бранко Гапо, Кирил Ценевски, Глигор Паковски, Дарко Марковиќ, Драган Салковски, Љубе Петковски и Коста Крпач

Кинотека на Македонија ќе ѝ го додели „Златниот објектив“ на Илинденка Петрушева, филмски критичар, публицист, советник-филмолог, промислувач и истражувач на историјата на македонската кинематографија, соопштија од Кинотека на Македонија.

„Златен објектив“ е признание кое се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија што Кинотеката на Македонија го доделува секоја година.

По повод Денот на роденденот на Кинотеката на Македонија, ова признание се доделува на поединци кои со своето професионално делување придонеле македонската кинематографија да се создаде, развива, промовира и популаризира. Досегашни добитници на оваа награда беа доајените на македонската кинематографија – Благоја Дрнков, Трајче Попов, Бранко Гапо, Кирил Ценевски, Глигор Паковски, Дарко Марковиќ, Драган Салковски, Љубе Петковски и Коста Крпач.

– По свеченото доделување на Златниот објектив и пригодниот коктел, ќе се одржи и проекција на документарниот филм „Бабички на револуцијата“ (2006, р. Петра Селишкар, „Петра пан“ ПАН Продукција) – велат од Кинотека.

Меѓу многуте свои функции, Илинденка Петрушева (р.1944) во својот работен век беше и генерален секретар на Сојузот на филмски критичари на Југославија, долгогодишен претседател на Киносојузот на Македонија (асоцијација на филмските аматери), еден од основачите на Кинотеката на Македонија, еден од основачите на Фестивалот „Браќа Манаки“, член на бројни жирија на бројни домашни и странски филмски фестивали, селектор и уредник на многу филмски програми.

Петрушевска беше и долгогодишен уредник на списанијата „Кинотечен месечник“ и „Кинопис – списание за историјата, теоријата, и културата на филмот и другите уметности“, а автор е и на бројни есеи, прилози и рецензии за филм, како и автор на книгите „Сонце на дирек: мали приказни за македонските филмски сонувачи“ (2005), „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија 1935-2011“ (2011) и „Само сонот е стварност – од бележникот на еден филмолог“ (2014), а се јавува и како уредник и приготвувач на многу други монографии, филмолошки библиографии, каталози, итн.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top