| четврток, 6 декември 2018 |

Манчевски го заврши снимањето на „Четврток“, премиера во Венеција

Деновиве во Њујорк Милчо Манчевски заврши со снимањето на краток филм под наслов „Четврток“.  Филмот се работи по специјална покана на Венецијанскиот филмски фестивал и ќе биде премиерно прикажан на овогодишното, јубилејно издание на Фестивалот, соопшти „С-Прес“.

Во чест на овогодишниот јубилеј, 70-то издание на Венецијанскиот филмски дестивал, директорот на фестивалот, Алберто Барбера, упати ексклузивна покана до режисерите кои влегле во историјата на фестивалот во Венеција, вклучувајќи го и Манчевски, да изработат кратки филмови на тема „Иднината на кинематографијата“.
Манчевски го освои Златниот лав за најдобар филм во Венеција во 1994 година за „Пред дождот“ кога освои уште девет други награди, а неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот во 2001 година. На фестивалот подоцна беше воведена и наградата „Кругот не е тркалезен“, насловена според мотото на филмот „Пред дождот“.
Сценариото на краткометражниот филм „Четврток“ е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата актерка Лора Ласи.  Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска.
Минатиот месец на Манчевски му беше доделено посебно признание од најстарата и најголема филмска школа на светот, филмскиот универзитет ВГИК во Москва. Манчевски беше прогласен за почесен доктор на науки во филмската област.
Во Москва беа одржани две ретроспективи на филмовите на Манчевски: во Мултимедија музејот и во Галеријата Солјанка, каде што беше отворена и неговата изложба на фотографии „Пет капки сон“.  Московјани се редат пред галеријата за да ја погледнат изложбата.
Во исто време, Манчевски реализираше и продукциско-педагошки проект на ВГИК, во организација на американскиот Стејт департмент и Американската амбасада во Москва. Во проектот, кој го режираше Манчевски, учествуваа 60 руски филмски работници и студенти на ВГИК.
Следниот месец, Манчевски учествува на конференцијата „Градење социјална кохезија низ култура во конфликтни и постконфликтни контексти“ во Амстердам. Во склоп на конференцијата ќе биде прикажан и неговиот најнов филм „Мајки“.
„Мајки“ беше прикажан овој месец и во Џакарта, на фестивалот „Европа на екранот: европски филмски фестивал во Индонезија“.
„Мајки“ ќе биде прикажан повторно во јуни и во рамките на циклусот „Филм на работ“ во организација на „Глобална филмска инцијатива“ во Њујорк.
Истиот филм ќе биде прикажан и анализиран и на Цукуба универзитетот во Токио, Јапонија во текот летово.
Деновиве излезе од печат книгата „Зум ин зум аут: преминување на границите во современата европска кинематографија“ во која авторите Сандра Бариале-Буше и Марџори Атињол Салводон меѓу другите големи автори на европскиот филм, се осврнуваат и на творештвото на Манчевски.
Овој месец во Рио Де Жаниеро, во рамките на манифестацијата „Фото Рио 2013“ ќе се одржи Фотосине Егзибисион, каде ќе биде прикажан „Пред дождот“. Филмот и’ е добро познат на бразилската публика, каде беше најпопуларен филм во 1994 и 1995.
Во наредните три месеци, Манчевски има закажано активности и во Филаделфија, Бурма, Турција и Германија.
Неодамна и Ханојската кинотека во Виетнам организираше ретроспектива на филмското творештво на Манчевски, на која присуствуваше и самиот автор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top