Организацијата на резервни офицери на Р. Македонија ОРОРМ од Велес во соработка со Општинскиот Сојуз на борци и претставници на АРМ од велешкиот гарнизон и општина Велес, со Свечена академија го одбележа јубилејот, 75 години од формирањето на НОПО „Димитар Влахов“, формиран на 21 април 1942 година на планината Лисец во реонот на велешко.
Претседателот на ОРОРМ на Р. Македонија Ѓорѓи Малковски во своето обраќање потсети дека при неговото формирање тој бил најголемата воена единица на територијата на Македонија и имал исклучителна важност во текот на Втората светска војна за разгорување на народноослободителното движење за ослободување на земјата.
– Овие млади борци кои во просек имале по околу 22 години, многу биле и помлади, се кренале со оружје в рака, голи и боси за да се борат за слобода на Македонија и македонскиот народ, кој единствен им помагал да издржат во таа борба со добро вооружена 150 илјадна окупаторска војска. Затоа им благодариме на овие млади борци и на сите Македонци од античка Македонија до денес кои ги положија своите животи за денешна слободна Р. Македонија, потенцира Малковски.
За историското значење на одредот свои реферати пред присутните имаа и Александар Симоновски и Марјан Ивановски од Институтот за национална историја на Македонија од Скопје.
Воедно ОРОРМ на свеченоста му додели признание на еден од преживеаните борци на НОПО „Димитар Влахов“, сега 95 годишниот Никола Стојановски кој како 18-годишен се приклучил уште од формирањето на одредот.
Во негово отсуство вакво признание му доделија и на Раде Бурчевски уште еден од живите борци од овој партизански одред.
Свеченоста беше збогатена со доделување награди по литературниот конкурс за одредот, како и со настап на Младинското драмско студио „Словото“. Тие во режија на Весна Димитрова Бобевска го изведоа перформансот „Нашата Нонча“ посветена на Марија Нонча Камишова борец на одредот, која во една од борбите на одредот на 19 години го дала својот млад живот за слобода на Македонија.
Инаку претпладнево претставници на ОРОРМ, на Сојузот на борци и на АРМ од велешкиот гарнизон и Општина Велес кај споменикот во месноста Пуста Кула на автопатот Велес Скопје, положија букети цвеќе и им оддадоа почит на седумината загинати борци и подржувачи на одредот.
Воедно ОРОРМ до споменикот денеска поставија и нова спомен плоча во чест на седумината загинати на ова место и поставија и 11-метарски јарбол со македонско знаме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.