„Љубојна“ е македонска музичка група, која изведува етномузика. Речиси не постои човек во Македонија, но и надвор од границите на земјава, што не ја слушнал музиката на Оливер Јосифовски и на Вера Милошевска – Јосифовска.
Во 2016 година, „Љубојна“ прослави петнаесет години од основањето, со повеќе концерти, вклучувајќи ги и тие во Кина и во Њујорк. На почетокот на 2017 година тие го објавија деветтиот албум на групата, со наслов „Радио Љубојна“, снимен во студиото „Подрумот“. На албумот, продуциран од Оливер Јосифовски, се наоѓаат осум песни, меѓу кои и: „Кратово виа Бразил“, „Галичник виа Њујорк“, „Многу ми го фалат вашето девојче“, „Стани да не станиш“ и многу други. Во февруари групата одржа концерт во Домот на синдикатите во Белград на кој го претстави овој албум, а како гости на концертот настапија и Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов и Џамбо Агушев. Со Вера Милошевска – Јосифовска разговорот го почнавме токму со настапот во Белград, но и за концертите во Њујорк, музиката, за „Љубојна“…
Неодамна се вративте од Белград каде што за првпат одржавте концерт. Настапивте со Влатко Стефановски, трубачот од светска класа Џамбо Агушев и со белградскиот џез-музичар и пијанист Васил Хаџиманов. Пред заминувањето најавивте дека ова е еден вид освојување нов простор. Какви се впечатоците? Како помина концертот во Белград?
Милошевска – Јосифовска: Тоа беше прв целовечерен концерт на Љубојна, така што е почеток на освојување нов музички простор. Иако е познат по најголемата фолклорна кич-продукција, во Белград, но и воопшто во Србија, има широка музичка сцена и простор за многу музика. Има емисии, списанија за музика, музички критичари… Не е едноставно да се влезе во тоа опкружување и токму затоа ова е повеќе од успешно претставување бидејќи, освен многубројната публика, која во најголем дел за првпат го слушна „Љубојна“ во живо, концертот беше извонредно оценет од двајца од најважните музички критичари.
По серијата успешни концерти во Македонија, гостувавте и во Њујорк, каде што одржавте концерти во рамките на промоцијата на македонската музика и култура, а воедно и промоција на новиот албум. Каков беше приемот во градот што никогаш не спие?
Милошевска – Јосифовска: Концертот помина во еден здив, и емотивно и артистички. Работиме на тоа како да реализираме поголем концерт во една од салите на Менхетн. Инаку, концерт, и воопшто каква и да е изведба во Њујорк и значи и не значи многу затоа што дневно има еден милион настани, артисти, аниматори, шоуа… Меѓутоа, важно е да се почувствува тој флуид на размена на идеи, информации и на средби со луѓе, кои потоа го прават вашиот настап значаен за натамошната работа во кариерата.
„Љубојна“ прерасна во една музички моќна институција. Вашата музика е мост меѓу младите и старите. Какво е чувството кога сте на сцена? Ја чувствувате ли енергијата на публиката, која редовно на нозе ги проследува Вашите настапи?
Милошевска – Јосифовска: На сцена сме со истата спонтаност и со истата едноставна енергија како и првиот ден и мислам дека тоа едно од нештата поради кои публиката особено нѐ засака и е особено важно. Нашата музика постојано расте, па буди уште поголема жед за музика и тоа зрачи од очите на публиката. Секој концерт на „Љубојна“ е нова авантура за публиката во која таа со огромна доверба се впушта со нас. Особено што тоа се случува во време кога голем дел од македонската публика е музички „превоспитана“ следејќи ги музиката и трендовите на кич-продукциите од соседството.
Новиот албум е насловен „Радио Љубојна“ или „Љубојна виа Битола, Битлси виа Љубојно“. Со кого соработувавте на овој албум и кои песни се наоѓаат на него?
Милошевска – Јосифовска: Албумот го сочинува еден мозаик од музичари што оставија извонреден печат во оваа музика. Меѓу нив и гостите: Васил Хаџиманов, Хусну Шенледириџи, Џамбо Агушев, диџеј Славе, Муамер Кетенџоглу, Тамер Пинарбаши, но и многу други. Албумот претставува една нова македонска поп-музика и е музичко љубовно патешествие раскажано низ различни анегдоти и настани, од различни простори и времиња, обединети во еден богат и шарен звук во манир на „Љубојна“.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 242. број на неделникот „Република“, 21.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Љубојна“ ќе настапи во свој манир, а парите ќе ги донира за болно детенце и во музичкото училиште „Илија Николовски – Луј”
-
Вера од „Љубојна“ пишуваше до власта: Арам да ви е земјата што ја газите и душата што ја носите, името е поважно од се
-
Вечерва „Љубојна“ ќе го одржи својот прв концерт во Белград
-
Викендов концерт на „Љубојна“ во Штип