Додека односите меѓу Европската унија и Турција се влошуваат со месеци, резултатот од референдумот во Турција, веројатно, само ќе ја прошири растечката политичка и културна оддалеченост меѓу блокот од 28 нации и земјата-кандидат за ЕУ.
И Германија и Франција изразија загриженост за евентуални изборни нерегуларности и го повикаа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да се вклучи во дијалог со опозицијата откако референдумот во неделата покажа колку длабоко е поделена земјата.
– Тесниот резултат од гласањето покажува колку длабоко е поделено турското општество. Тоа значи голема одговорност за турската влада и лично за претседателот Ердоган – се вели во заедничката изјава на германската канцеларка Ангела Меркел и на министерот за надворешни работи Зигмар Габриел.
Според државната агенција „Анадолу“, околу 51,4 проценти од турските гласачи го дадоа својот глас во корист на плановите на Ердоган да се прошират неговите овластувања во голема мера, додека 48,6 проценти гласаа да не се дозволи тоа.
Разликата не успеа да ја обезбеди убедливата победа што ја бараше 63-годишниот Ердоган на референдумот. Сепак, неговата власт во Турција може да се зацврсти за една деценија и се очекува да има голем ефект врз долгорочната политичка иднина на земјата и нејзините меѓународни односи.
Неколку турски опозициски групи тврдат дека имало неправилности за време на гласањето, а Организацијата за безбедност и соработка во Европа изјави дека референдумот не ги исполнува меѓународните стандарди.
Меркел и Габриел изјавија дека Турција, како членка на ОБСЕ и земја-кандидат за ЕУ, треба да ги разгледа тие проблеми.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, исто така, предупреди дека ако Турција ја врати смртната казна, како што посочи Ердоган во својот говор доцна во неделата, тоа ќе претставува кршење на ветувањата на Турција да ги почитува човековите права, како дел од напорите за влез во европските институции.
Австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, во неделата изјави дека референдумот ќе ја искомпликува понатамошната соработка меѓу Анкара и ЕУ. Курц на „Твитер“ напиша дека резултатот покажува колку е поделена земјата и дека соработката со ЕУ ќе стане уште посложена.
Кати Пири, членка на Европскиот парламент и парламентарен известувач за Турција, зборуваше со посмирен тон.
– Исходот покажува дека милиони турски граѓани ги делат истите европски вредности. ЕУ никогаш не треба да ја затвори вратата за нив – напиша Пири на „Твитер“.
Сепак, огромниот број критички реакции од европските лидери беа одраз на тоа колку компликувани и студени станаа односите меѓу Унијата и Турција во текот на изминатата година, токму кога ЕУ ја бара поддршката на Турција во борбата против Исламската држава и за намалување и регулирање на протокот на емигранти во Европа.
На Европејците, исто така, им треба Турција како важен и доверлив партнер во НАТО, но постојат премногу проблеми откако во минатото Турција привремено им забрани на германските пратеници да го посетуваат персоналот на германската армија во воена база во Турција.
Тензии се појавија и минатиот месец кога обидите на турски официјални претставници да одржат митинг пред граѓаните што живеат во Европа за референдумот предизвикаа иритација и неколку од нивните јавни настани беа откажани. Тоа го предизвика Ердоган да ги обвини германските и холандските власти дека дејствуваат како нацисти, што, пак, наиде на силна осуда од европските лидери.
Самиот Ердоган даде дефанзивна белешка по референдумот велејќи: „Ние сакаме другите земји и организации да покажат почит кон одлуката на нашиот народ“.
Во говорот од понеделникот, тој звучеше уште подрско, велејќи: „Ние почнавме борба против моќните нации на светот… Ние не потклекнавме. Ние бевме силни како нација“.
Додека повеќето Европејци никогаш не биле ентузијасти во врска со кандидатурата на Турција за влез во ЕУ, а преговорите за членство многу малку напредуваа во текот на изминатата деценија, изгледите на Турција за приклучување кон блокот, се чини, станаа најнереални од кога било досега.
– Влијанието на овој референдум во однос на демократските процеси на Турција на светската сцена, за жал, е негативно – вели Марк Пиерини, експерт во Институтот „Карнеги Европа“.
И нефер кампањата и суштинските реформи што сега ќе бидат спроведени ќе ја однесат Турција далеку од можноста за политички сојуз со ЕУ. Сепак, новата состојба на работите, можеби, им одговара и на претседателот Ердоган и на лидерите на ЕУ, додава Пиерини.
И покрај сите овие проблеми, Габриел изјави дека ЕУ треба да остане во дијалог со Турција.
Германскиот министер за надворешни работи, зборувајќи пред новинарите во Тирана, Албанија, рече дека Брисел треба интензивно да работи за да го најде каналот за дијалог за тоа што треба да се направи за Турција и натаму да остане една демократска држава.
Извор: „Фоксњуз“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.