| четврток, 6 декември 2018 |

Еди Рама се закани со војна

Албанскиот премиер Еди Рама, соочен со сериозна политичка криза во својата земја, се обидува со своите изјави и политички чекори во правец на Голема Албанија да предизвика верижна реакција која може да му донесе уште четири години власт. Соочен со сериозна опозиција и во сопствената партија, Рама повторно го користи стариот проверен рецепт на албанските политички субјекти на Балканот и во моменти на паника се фаќа за национализмот, за обединување на албанскиот етнички простор, за призренската лига како последно прибежиште и шанса за преживување. Албанските парламентарни избори се закажани за 18 јуни, Демократската опозиција го напушти парламентот и не се враќа во него без оставка на Рама и техничка влада, а лидерот на социјалистите со поддршка на западните партнери се занимава со внатрешните работи на Македонија, Косово, Црна Гора

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Најновите небулози на албанскиот премиер Еди Рама, кој директно ѝ се закани на Европската унија дека ќе се соочи со албанско-косовска унија и речиси сигурен нов конфликт на Балканот доколку европските интеграции координирани од Брисел запрат, имаат сериозен корен. На Рама не му е првпат да најавува менување на балканските граници. Во 2014 година тој најави слично сценарио, односно обединување на Косово и на Албанија. Веднаш потоа почна со реализација на заеднички дипломатско-конзуларни претставништва на двете земји (Косово во својот устав се обврза дека никогаш нема да влезе во процес на обединување со Албанија), а лани, притиснат од европските лидери, ја повлече претходната изјава и најави дека за него Голема Албанија е застарена идеја која тој ја отфрла. Притиснат од заминувањето од премиерската позиција и, најверојатно, и од лидерската функција во партијата што ја води од 2005 година сега тој повторно се врати на старата идеја, унија меѓу Тирана и Приштина на која, веројатно, подоцна треба да се приклучи Тетово или Скопје, а подоцна и Превеза и Подгорица.

 

Зошто молчат Франција и Германија?

Пред Рама да биде прогласен за случаен човек во албанската и во меѓународната политика, секој аналитичар треба да знае дека тој својата последна закана и најава за обединување на Косово и на Албанија ги даде само петнаесетина дена откако во Париз се сретна со францускиот премиер Бернард Казенув со кого потпиша договор за стратешко пријателство на полето на одбраната и на безбедноста. Уште поважно е тоа што Рама во Париз беше поздравен како премиер на држава што има специјална улога во демократската стабилност на Западен Балкан.

Официјален Париз до предавање на овој текст за печатење не реагираше на изјавите на своето протеже, кои се сѐ освен стабилизирачки. Официјален Берлин отиде уште подалеку од молчење, министерот за надворешни работи Зигмар Габриел замина во Тирана и на опозицијата, која демонстрира од февруари, индиректно ѝ порача дека мора да оди на избори, но и дека Рама ја има германската поддршка. Германскиот левичарски министер на десничарските политички противници на социјалистот Рама им кажа дека протестите и барањата за техничка влада пред избори се апсурд и дека тие треба да се вратат во парламентот и да учествуваат на избори. Пораки кои се сосема спротивни од тие што ги слушавме за Македонија во последните години.

kol242-gm-edi-rama-2

Зошто никој јавно не го нападна Рама за тиранската платформа?

Зошто ниту еден сериозен европски политичари од првата лига, освен унгарскиот премиер Виктор Орбан, не му укажа на Рама дека се однесува како недоветен со креирањето на тиранската платформа? Зошто никој од европските лидери не му порача на албанскиот премиер дека не смее да дава одговори за внатрешни прашања за состојбите во Македонија, или за Косово и за тамошните избори. Ниту, пак, за состојбите во Црна Гора каде што, според него, Албанците двапати ја спасиле државата.

Во што е моќта на Рама да може да кажува сѐ што ќе му падне на памет, неговите пораки да бидат целосно во правец на дестабилизација на регионот, а повторно да остане миленик на големите европски сили. Врските со Сорос преку неговата сопруга, која е висок претставник во номенклатурата на Фондацијата Отворено општество, за кои пишуваат дел од македонските медиуми се само дел од мозаикот.

Навистина, како може да се случи човекот кој отворено се меша во внатрешните работи на сите свои соседи, во исто време со Франција да потпишува договор за стратешко партнерство во одбраната, а германски министри практично да учествуваат во неговата кампања за парламентарни избори. Голем број европски претставници во неврзан разговор остро ја критикуваат неговата улога во тиранската платформа, но јавно никој не се осмелува да каже што било против него. Одговорот на ова прашање е едноставен. Рама со нешто ги задолжил европските моќници или, пак, тој допрва ќе треба да ја одигра својата улога. Дали тоа ќе бидат прашања поврзани со новите поделби на интересни сфери меѓу Русија и САД, дали темите за кои Рама може да биде корисен се во врска со енергетските проекти кои се планираат од западните земји, а во кои Албанија треба да има значително место, или, пак, се работи за нешто трето е помалку важно. Најважно е дека Рама е најмоќниот и најзаштитениот балкански политичар кому сѐ му е простено дури и кога повикува на менување на границите и, практично, најавува војна затоа што е јасно дека обединувањето меѓу Албанија и Косово ќе значи српска интервенција најмалку на северот на косовската држава. Колку и да е тоа непосакувана опција, секоја интервенција во Македонија во правец на анкетирање или припојување на т.н. албански територии или одржување референдум за независност на „Илирида“ ќе значи нов конфликт на Балканот.

 

Вината не е само кај Рама, туку и кај неговите западни ментори

Шизофрената политика на Рама и неговата непостојаност, која зависи од нивото на политичкиот притисок со кој се соочува дома, се веќе загрижувачки. Но, уште позагрижувачко е однесувањето на Германија, Франција и на Британија, кои во последните години му даваат крилја на социјалистот, сликар и репрезентативец на Албанија во кошарка. И симпатичниот уметник, кој како градоначалник на Тирана се стекна со популарност и беше доживеан како нова енергија на албанската и на балканската политичка сцена, и луѓето што ги управуваат конците поврзани со него мора да знаат дека една работа е да се украсат фасадите на тиранските згради со резервите на бои од воените складишта, а сосема друга, многу покомпликувана, е да се води конструктивна политика во регионот во кој никој не може да биде шеф, најмалку човекот што во својот кабинет држи мапа од Голема Албанија.

(Текст објавен во 242. број на неделникот Република, 21.04.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top