Педесет дена мирни и масовни протести против тиранската платформа не беа доволни да го одвратат квислингот Зоран Заев од намерата да ја трампа државата за власт. Место сериозно да ги сфатат пораките за отфрлање на планот за разнебитување на Македонија, кои секојдневно ги добиваат од 200.000 луѓе на улица, тој и неговата криминална банда упорно продолжуваат да ги спроведуваат наредбите на распаднатиот чадор и да бараат начин како да ги изиграат народот и Уставот.
Не знам уште колку време ќе им треба на квислинзите да сфатат дека не можат да ја спроведат платформата насила, но знам дека народот нема намера да се повлече ни чекор од црвено-жолтата линија и нема да дозволи спроведување на погубното сценарио. Токму затоа ги сметам за многу опасни и непромислени пораките на Соросовите платеници, кои последните денови интензивно го храбрат Заев да преземе иницијатива за формирање влада надвор од собраниските процедури. На тие што заговараат вакво насилно сценарио треба да им е јасно дека на тој начин го вовлекуваат сопствениот народ во конфликт. Ако сметаат дека насилство, а не нови избори е најдобриот и најдемократски начин за излез од кризата, тогаш нека повелат тие самите да го спроведат сценариото. Но, сигурен сум дека овие 200.000 луѓе што се секој ден на улиците воопшто нема да бидат толерантни кон кое било сценарио за киднапирање на државата. Залудни се сите надворешни уцени што Сорос ги испраќа преку разни потплатени дипломати, залудни се сите обиди на квислишката пратеничка група на СДСМ, која се обидува да ја релативизира опасноста од тиранската платформа.
Во недостиг од факти, предавниците од СДСМ и Соросовите платеници почнаа дури да ги користат аргументите на Еди Рама. Веројатно, сметаат дека така усогласени со нивниот партнер од Тирана ќе го убедат народот да поверува во нивните лаги. Арно ама, Рама да не ти бил многу побистар од Заев. И тој имал навика самиот да се демантира, па така до пладне брани една теза, а попладне ја менува со друга. Така нашиве квислинзи мака мачат да поминат барем еден ден без да се посрамотат.
Така Петре Шилегов од собраниската говорница се обиде со речникот на Еди Рама да ја претстави платформата како мит, демек не постоела. Сето тоа било измислица на Груевски за да го спречи формирањето нова влада.
Ај што претходно од истото место пратеник од нивниот потенцијален коалициски партнер ДУИ ја прочита „непостојната“ платформа, туку и нивниот ментор Рама истиот ден го урна сопствениот „мит“ и потврди дека платформата постои обвинувајќи го Груевски дека, наводно, ја прифатил без никакви услови.
Е сега, прво што му паѓа на ум на секој здраворазумен човек е – како Груевски ја прифатил платформата ако не постоела? А второ, кога веќе постоела и кога Груевски ја прифатил безусловно, тогаш зошто не формирал влада со ДУИ уште во јануари? Тврдењата дека договорот пропаднал поради одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да прифати продолжување на рокот за работа на СЈО се приказна за мали деца. И децата во градинките веќе знаат дека мандатот на СЈО не може да го продолжи ниту една влада. За такво нешто одлука донесуваат пратениците со двотретинско мнозинство – што ќе го нема без согласност од ВМРО-ДПМНЕ дури и СДСМ и ДУИ да успеат да формираат влада. Така што, ниту држи тезата дека платформата е мит, ниту има логика во тврдењето дека Груевски ја прифатил безусловно.
Е сега, интересно е да се праша зошто оваа криминална банда во СДСМ и Соросовите платеници, кои, очигледно, многу внимателно ги следат сите пораки од Тирана, одбиваат да ги цитираат тие изјави што доаѓаат од Тирана, а потврдуваат дека постои тиранската платформа, дека се реални намерите за менување на Уставот и на унитарниот карактер на Македонија, дека конечното реализирање на планот за Голема Албанија е вткаено во самата платформа?
Нели е малку чудно што ниту еден Соросов медиум не ја пренесе изјавата на шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, кој изрази уверување дека „со вклучување на т.н. албанска платформа во Уставот и во новата правна рамка на земјата, ќе има повеќе позитивни резултати за двете етнички групи што живеат во Македонија, или нејзините главни етнички групи“.
Интересно е зошто квислинзите повеќе сакаат да зборуваат за митови и легенди, отколку за факти и за аргументи. А факт е дека Бушати многу јасно, во само една реченица потврди дека платформата постои, дека таа треба да се вметне во Уставот и дека Македонија ќе стане бинационална држава. Уште појасен беше Еди Рама, кој отворено кажа дека не се откажува од планот за Голема Албанија и дека Албанија и Косово може наскоро да се обединат. Неговата дрскост и отвореност ги засрами дури и тие во Брисел, кои досега упорно молчеа и замижуваа пред националистичката реторика на Тирана, а во исто време силно притискаат да се формира квислиншка влада во Македонија базирана на платформа изработена во таа соседна земја.
Пред само две години, беше незамисливо некој јавно да го оспори Охридскиот договор, а не, пак, да зборува гласно за Голема Албанија и за обединување на албанските територии. Денес опасноста од Голема Албанија е реалност на Балканот, овозможена, пред сѐ, од Зоран Заев и од раководството на СДСМ. Овој предавник и неговата банда, кои сега ни се претставуваат како спасители, всушност им го сервираа на маса сценариото што сега заедно го реализираат.
Така истиот тој лидер на СДСМ, со помош на неколку амбасадори, криминалното подземје и со платениците на Сорос, од почетокот на кризата не прави ништо друго, туку ги уништува сите институции од витална важност и подготвува терен за распад на Македонија и за исполнување токму на овие големоалбански планови.
Лаком за власт и заблуден од ветувањата на „чадорот“, одбива да го чуе гласот на народот – тој што во оваа земја дава и одзема власт.
Колку и да е заблуден и опиен од желбата да седне на премиерското столче, во деновите што претстојат добро е некој да го отрезни и да го потсети дека секој што има намера да дејствува насилно врз Уставот и законите ќе се соочи со институциите. Подобро за него е тие да не потфрлат затоа што дури тогаш на улиците ќе се излее гневот на народот, кој без двоумење ќе застане во заштита на државотворноста.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.