Родена на: 24 мај 1956 година во Прилеп
Образование: Технолошко-металуршки факултет во Скопје
Лилјана Поповска решила да биде власт по секоја цена и во која било реинкарнација, па како што сончогледот се врти по сонцето, така и таа се врти по власта. Во предизборието ја напушти коалицијата „За подобра Македонија“ и стана дел од безимената коалиција на СДСМ. Или, со други зборови, заплива во матното.
Поддржувачите на СДСМ не му простија на Заев што ја прегрна Лиле, но нејсе. Како и секое чудо, за три дена стивна лутината на поддржувачите, стана Лиле, но седна Миле и Лиле пак си влезе во Собранието.
Ако ми забележувате што зборувам за Лиле, а Маја е во собраниско столче, тоа е така затоа што зелената партија ја знаеме како ДОМ на Лиле. И еве, и во оваа пригода ќе го задржиме правото да ја чувствуваме како Лиле-партија.
Зошто токму Лиле во првиот поствелигденски број? Собранието се распушти на Величетврток, велигденскиот молк го почитуваа сите, и верници и неверници, кој по плажи, кој по трговски центри, па празникот помина како вистински празник – празно.
Денот пред распустот, Велјасреда, „домците“ на Лиле ѝ ја посветија на „Програмата на новата влада“. Ете, еден месец и два дена откако Заев ја претстави „Програмата на својата замислена влада“, ДОМ се сети да ја поддржи. Да се смее човек и да не верува – коалицискиот партнер на Заев, Лиле преку Миле цел месец подоцна најде згоден момент да му рече „ашколсун, аферим“. И веднаш е друго, сега шансите Заев да состави влада се несомнено поголеми. Авторитет, си има тежина зборот.
Во обраќање во Собранието пратеничката Маја Морачанин истакна дека се повредува Деловникот. Бидејќи ова го слушаме 13 продолженија на конститутивната седница, таа додаде:
–Истакнавме дека т.н платформа ќе биде употребена во функција на дефокусирање од суштинските теми како владеење на правото, независно судство, борба против корупција, почитување на човековите права и слободи, економски просперитет, здрава животна средина и во функција на отежнување на процесот на формирање на новата влада.
Запомнете, ДОМ знаел и сите знаеле дека платформата ќе се злоупотребува. Сигурно и Лиле е една од тие што мислат дека ВМРО-ДПМНЕ ја составила за да се самоуништи. Како што се самоприслушуваше.
– Програмата на новата Влада, која е целосно во согласност со Уставот и со унитарниот карактер на државата, ја отстранува основата за загриженост кај граѓаните – финишира Морачанин.
Сепак, за да биде циркусот поголем, еден ден пред промоцијата на „Програмата на новата влада“, веројатно додека се печател памфлетот, ДОМ предложи да се повлече етничката платформа од преговорите за формирање влада, во општ интерес, за да се овозможи мирна институционална разрешница на политичката криза.
„Таканаречената платформа на албанските партии по изборите накалеми нова, етничка криза, на веќе постојната политичка криза. И независно кој и каде го напишал текстот, тој е провокација и дел од регионална игра. На предлагачите им послужи за подигање на рејтингот, но реално направи огромна штета за меѓуетничките односи, за граѓанската кохезија и за регионалната стабилност. Платформата направи јаз меѓу граѓаните, како удар со секира! Создаде практично невозможна преговарачка позиција за кој било мандатар, по што логично се поставува и прашањето дали воопшто некој од предлагачите посакува формирање влада и стабилизација на земјата, или има друга агенда? Македонскиот мултикултурен образец, со заштита и почитување на правата на сите заедници во земјава, беше вграден во Уставот со Рамковниот договор, кој беше мировен договор. Ако сега се поставуваат барања, кои одат во насока на промена на Уставот и редефинирање на државата, логично е граѓаните да се исплашени дека некој посакува конфликт во Македонија“.
Да сумираме – коалициската партнерка на Заев пред да ја прочита Програмата на новата влада повика да се повлече платформата на албанските партии како услов за формирање нова влада, но откако ја прочита, па ѝ легна, значи еден месец подоцна, вели каква платформа, сѐ е тоа за унитарна Македонија.
Кој знае што ја збуни толку Лиле, па успеа толку вешто да се загуби во невозможното, а не е од вчера во политиката.
Текстот е објавен во рубриката „Личност на неделата“ во 242 број на неделникот „Република“, 21 април 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.