Агенцијата за храна и ветеринарство информира дека на почетоков на месецов, на граничниот премин Ќафасан запленила и на депонијата во Струга уништила 1300 килограми небезбедно месо по потекло од Бразил.
Станува збор за легален увоз на замрзнато пилешко месо, за кое, врз основа на извршениот преглед од ветеринар, било констатирано дека потекнува од кланица, кој во моментот на прегледот не се наоѓала на листата објекти кои се одобрени за извоз од страна на Европската унија, односно кој дозволата за извоз ја изгубил на 23 март годинава.
„Увозот не месо во земјава се врши исклучиво од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти. Секоја пратка задолжително е пропратена со ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста на пратката. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка со месо и производи од месо. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки.
Во рамки на одредени мониторинг програми и при сомнеж, од пратките кои се увезуваат се земаат и мостри за лабораториска анализа. За истите не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна“, соопшти Агенцијата.
По неодамнешните случувања и истрагите во месната индустрија во Бразил, Агенцијата за храна и ветеринарство вели дека е во постојана комуникација со амбасадорот на Македонија во оваа земја Ивица Боцевски, со кој на дневна основа се разменуваат информации за случувањата во тамошниот месен сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.