| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува литературната манифестација „Илинден 2017“ во Општина Илинден

Општина Илинден во насока на промовирање на современите културни достигнувања, од 18 до 22 април 2017 година, во Домот на култура „Илинден“, во населба Илинден, ќе ја организира 18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе се одржи на 18 април, со почеток во 19:00 часот, а централниот настан – Поетски митинг „Стихови за душата“ ќе се случи на 21 април, со почеток во 19:00 часот, со настап на дваесет и пет писатели од Македонија и од балканските држави.

Во рамките на манифестацијата во Домот на култура „Илинден“ од 18 до 22 април ќе се одржи саем на книгата под мотото „Денови на книгата“, каде што љубителите на пишанот збор ќе можат да најдат богат избор на книги и да се запознаат со најновите изданија.

Во рамките на манифестацијата ќе се одржат повеќе промоции на книги од реномирани автори, меѓу кои поетската книга „Устата на јавето“ од Раде Силјан и стихозбирката „Песна на ридот“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, добитник на наградата „Ацо Шoпов“ за 2016 година.

Во рамките на манифестацијата поклониците на пишаниот збор ќе имаат можност за средба и разговор со писателките Кристина Николовска, добитничка на наградата „Димитар Митрев“, како и со Лилјана Пандева, добитничка на наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија.

Како дел од Литературната манифестација „Иинден 2017“ ќе се одржи книжевно пладне со писателот Александар Поповски, добитник на наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија. Вљубениците во уметноста ќе имаат можност да проследат изложба на слики на академскиот ликовен уметник Павле Кузмановски, како и музички колаж на Васил Атанасов.

Составен дел и од годинешната 18-та по ред Литературна манифестација „Илинден“ ќе биде традиционалното Литературно матине за деца, на кое ќе настапат повеќемина  писатели за деца и млади, а своја платформа за афирмација ќе имаат и младите неафирмирани поети. На Литературното матине ќе бидат доделени награди и пофалници за најуспешните творби пристигнати на литературниот конкурс распишан од Општина Илинден.

Во рамките на Манифестацијата во новоизградениот Дом на култура во н.м. Марино ќе биде отворена библиотека, со донација на книги од „Матица македонска“ од Скопје.

Општина Илинден ги поканува сите љубители на пишаниот збор да ја посетат    18-та Литературна манифестација „Илинден 2017“ и да присуствуваат на бројните културни настани.

За таа цел Општината  организира превоз за сите оние што сакаат да присуствуваат на отворањето на Литературната манифестација на 18. април, како и на Поетскиот митинг „Стихови за душата“ на 21. април. Од паркингот пред хотелот „Холидеј Ин“, во центарот на Скопје, во 18:00 часот ќе поаѓа автобус број „63“ кој ќе ги превезува посетителите на Манифестацијата до Општина Илинден и ќе ги враќа кога ќе заврши вечерниот настан, што почнува во 19:00 часот

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top