| четврток, 6 декември 2018 |

„Да го поздравиш и да ми го бациш“ – најдобра претстава на ИТФ „Лица без маски“

Годинешната програма од десеттото јубилејно издание на фестивалот „Лица без маски“ понуди одлична селекција базирана на концептуалниот и ангажиран театар, претстави кои ги разоткриваа демагогиите, нивно соголување и борба на театарскиот свет против нив

Претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на независниот театар „Артопија“, а во режија на Билјана Радиноска е добитник на Гранд при наградата за најдобра претстава во целина, на 10. Јубилејно издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ 2017.

Комисијата во состав: Трајче Георгиев, актер, Деан Дајмановски, режисер и Тони Димков, новинар и театарски критичар, во образложението за наградата велат: Гранд при наградата се доделува на претставата „Да ми го поздравиш и да ми го бациш“ заради фактот што комплетната екипа своето лично доживување на реалноста на моментот кој го живеат, храбро, елоквентно и емоционално го изнесува пред публиката во театарска форма која граничи со еден вид лична исповед“, стои во образложението на жири комисијата.

unnamed (4)

Наградата за најдобра режија на јубилјеното издание на фестивалот и` беше доделена на Софија Ристевска, за претставата „Скршената стомна“ во изведба на „Интимен театар“ од Битола.

-Наградата за најдобра режија се доделува на Софија Ристевска, заради автентичниот пристап во разработувањето на актуелни општествени теми и нивно артикулирање преку средствата на театарот – вели жири комисијата.

unnamed (3)

Третата награда за најдобро актерско остварување, отиде во рацете на актерскиот колектив од претставата „Фармата“ во режија на Паоло Алесандри, а во изведба на театарот „Софија Амендолеа“ од Рим, Итлија.

-Наградата за актерско остварување се доделува на колективот од претставата „Фармата“ заради исклучителна уиграност, прецизност и употреба на широк дијапазон на актерски средства – потенцираше жири комисијата.

Според нив, годинешната програма од десеттото јубилејно издание на фестивалот „Лица без маски“ понуди одлична селекција базирана на концептуалниот и ангажиран театар, претстави кои ги разоткриваа демагогиите, нивно соголување и борба на театарскиот свет против нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top