| четврток, 6 декември 2018 |

Постпородилната депресија може да биде измачувачка за новите мајки

Кога секоја жена би била доволно информирана за оваа состојба би се намалиле и срамот или, пак, неподготвеноста да се разговара со психолог и да се побара психолошка помош

Од постпородилна депресија страдаат меѓу 10 и 15 отсто од новите мајки. Неколку дена по породувањето кај жената постои одреден хормонален дисбаланс кој може да предизвика и промени во расположението како напнатост, загриженост, тага, умор, плачливост, намален апетит. Постпородилната депресија не е исто што и овие промени во расположението, туку тоа е посериозна состојба и може да биде, навистина, измачувачка за новите мајки, вели Бојана Стојменовиќ, психолог, семеен и системски советник.

 

Дали македонските мајки сакаат да разговараат за постпородилната депресија или се срамат да побараат помош?

СТОЈМЕНОВИЌ: Немам впечаток дека македонските мајки не сакаат или се срамат да побараат помош. Секоја жена што успешно ги идентификувала, односно препознала знаците на постпородилната депресија побарала психолошка помош. Се смета дека таа се јавува кај 10-15 отсто од новите мајки и не е проблем што се јавува само тука кај нас, туку е проблем од светски рамки. Нашата задача е, освен давањето психолошка помош, и психолошка едукација – особено на младите и нови мајки. Кога секоја жена би била доволно информирана за оваа состојба би се намалиле и срамот или, пак, неподготвеноста да се разговара со психолог и да се побара психолошка помош.

 

Како се манифестира постпородилната депресија? Како се разликува од вообичаените промени на расположението?

СТОЈМЕНОВИЌ: Во текот на бременоста жената доживува значајни промени на соматско и на психичко ниво. Неколку дена по породувањето постои одреден хормонален дисбаланс, кој може да предизвика и промени во расположението како напнатост, загриженост, тага, умор, плачливост, намален апетит. Постпородилната депресија не е исто што и овие промени во расположението, туку тоа е посериозна состојба и може да биде навистина измачувачка за новите мајки.

Според интензитетот на симптомите, времетраењето и опасноста по здравјето на мајката и na детето, постпородилната депресија се дели на три главни видови. Постпородилната тага е благ вид на постпородилната депресија и се јавува кај 80 отсто од мајките. Се јавува првата недела по породувањето и трае најмалку две недели. Мајките се анксиозни, имаат нарушен сон и често се плачливи. Овие симптоми обично поминуваат сами, па многу мајки и не бараат психолошка помош доколку имаат важна емоционална поддршка во рамките на семејството. Ако симптомите траат повеќе од две недели, тогаш треба да се разговара со психолог затоа што постои можност да се развие постпородилна депресија. Симптомите ескалираат, па така, освен анксиозноста, која e постојано присутна, се јавува и интензивна раздразливост и конфликтност, преплавувачки умор, црни мисли, суицидалност, чувство на вина, несигурност во однос на својот нов изглед, повлекување од членовите на семејството, константна грижа и фокусираност на бебето. Најтежок облик на постпородилна состојба е постпородилната психоза, која се јавува ретко и е потребна итна медицинска помош, хоспитализација и медикаментозна терапија.

 

Светската медицинска статистика покажува дека секоја десетта родилка доживува психичко нарушување. Дали тоа може да доведе до сериозен медицински проблем?

СТОЈМЕНОВИЌ: Секоја родилка во текот на бременоста доживува промени во повеќе аспекти. Највпечатливи се промените што се однесуваат на телото, се менува сликата за себе. На психички план, мајката се подготвува да стане родител. Од аспект на семеен контекст, целото семејство се подготвува и е во исчекување на детето. Земајќи предвид дека раѓањето на детето, особено ако е тоа првородено во семејството претставува и најголем стрес за семејството, можеме и подобро да ги разбереме мајките. Не би кажала дека секоја десетта родилка доживува некое психичко нарушување туку дека секоја родилка на свој и посебен начин се соочува со сите овие развојни промени. Дали мајката ќе развие некоја состојба како што е постпородилната депресија зависи од повеќе фактори.

dr-Bpjana-Stojmenovic-zdravje241-2

Како се лекува постпородилната депресија?

СТОЈМЕНОВИЌ: Многу е важно да се препознаат симптомите и состојбата и навреме да се побара психолошка помош. Во овој деликатен период од животот на жената многу е важна поддршката од потесното и од поширокото семејство. Во третманот на постпородилната депресија позитивни резултати даваат комбинациите со медикаментозна симптоматска терапија и психотераписката работа. Когнитив- бихејвиоралната и семејната системска психотерапија се покажале како успешни во третманот на оваа состојба. Во некои специфични случаи се препорачува и хоспитализација, особено ако постои опасност мајката да се повреди себеси или детето.

 

Постојат ли фактори на ризик што може да придонесат за ваквата состојба?

СТОЈМЕНОВИЌ: Факторите на ризик што придонесуваат една мајка да развие постпородилна депресија, а друга не, сѐ уште се тема на исцрпни истражувања. Сепак постојат некои фактори што можат да значат зголемен ризик како што се тешко породување, депресија во текот на бременоста, недоволна емоционална поддршка од потесното и од поширокото семејство, ако детето е предвреме родено, ако претходно мајката се соочувала со постпородилна депресија во други бремености.

 

Дали еднаш излекуваната состојба значи дека таа нема да се повтори со следното породување?

СТОЈМЕНОВИЌ: На ова прашање не можам точно да одговорам. Голема улога имаат надворешните фактори и средината како што се подготвеноста за породување во отпуштена и релаксирана атмосфера, подготвеноста за мајчинство, емоционалната поддршка и, секако, предиспозицијата за развој на патологија. Жената мора да најде начин да остане смирена и релаксирана во текот на бременоста. Јас, сепак, имам еден оптимистички став и верувам дека кога човекот работи на себе и на својот личен развој, успешно ги надминува тешкотиите што се јавуваат во текот на животот.

Раз­го­ва­ра­ше: Але­ксан­дра М. Бун­да­лев­ска
(интервјуто е објавено во 241. број на неделникот Република кој излезе во печат на 14.4. 2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top