Зоран Заев си даде „фора“ од шест месеци до следното соочување со ВМРО-ДПМНЕ. Ни помалку, ни повеќе. „Септември или октомври“, ова е посакуваниот термин на бестрашниот лидер за датум за локални избори, составено во интервју за „24 вати“. Му се сони или, сепак, му се испушти?
Да, дефинитивно е време на силни потреси. Различни. Во исто време кога државата се тресе од надвисната тиранската платформа, СДСМ се тресе од страв од избори. Стар, добро познат страв за нив. Многу реален. А би требало, имаат и зошто. Со резултат на изборите од 11 декември, кој за многумина е пандан на нечија милениумска добивка на лотарија, најголем страв и треба да им биде ново соочување со народот.
Интересно е што, како и секогаш, по таа старата и, гарантирано, препорачана од неговите бајачи, кои и го донесоа до ова дереџе, СДСМ малерот го брка со измислени, големи бројки. Најверојатно, чадорџиите и творците на големата македонска лага, која го достигна своето крешчендо, ги советувале „што повеќе излажете, тоа повеќе ќе ви фати и иљачот“. Се сеќавате на 500.000 фантоми, 620.000 иселени, украдени 5 милијарди евра, па сѐ до 612.000 што гласале за Заев и за промени (не и за Села и за Касами). Така, Заев бркајќи го силниот страв од нови избори, изјави дека на нив СДСМ ќе освоеле 72 пратеници. Ни помалку, ни повеќе. Да, не одговори на прашањето чуму тогаш оваа мака со колициските партнери и зошто не си победат мазно „како луѓе“, важно си се пофалија. Реалноста, за нивна жал, е многу, многу поинаква. А и самите ја знаат, нешто што можете, буквално, да им го прочитате на лице. Вистинската констелација ја засведочуваат стотици довчерашни јавни, настрана јасни и гласни поддржувачи на социјалните мрежи, кои го изразија своето разочарување од пазарот со националните интереси. Дел од нив се појавија на протестите на „ За заедничка Македонија“, некои и кинеа фотографии од шарената „револуција“ и до шесто колено ги колнеа Заев и врхушката затоа што ги прелажале. Не мора да одите подалеку, едноставно, на следниот протест излезете и видете ги луѓето на него. Не се сите вмровци, ќе се изненадите од тие што ќе ги видите таму. Да, затоа што влогот е преголем, а пласираната лага од Заевата компанија безобразна и многу потценувачка. Можеби, кај дел од граѓаните им успеа финтата со „стопати кажаната лага станува вистина“, особено со „валкањето“ на противниците, но лидерот што стопати состави сосема различни, често антинационални и антидржавни лаги, останува само лажго. Ништо повеќе.
Оправдана паника на „Павел Шатев“
Објективно преплашени дека, конечно, се прочитани и дека нивната шема со трчи-лажи, па пу-пу не важи, веќе воопшто не „пали“ кај народот, а уште помалку држи вода, зборот „избори“ повторно е тој што предизвикува силен наплив на паника и на уплав на „Павел Шатев“. Велат, самото негово спомнување ги смрачува и така вечно намуртените лица на врхушката и на новокомпонираните пратеници. Повеќе од свесни дека ново соочување во гласачките кутии би било погубно за нив и за ветеното на чадорот, „синокрвните“ се свртија кон своите испробани средства за дигресија и за заметкување на јавноста.
Велат, во случај на нужда (мала или голема) прво се врти кај Катица.Тоа и не им е некој проблем,ниту мака, но вистинскиот проблем е што кредибилитетот на СЈО (социјалдемократско јавно обвинителство) е сведен на нула или, поверојатно, е во минус. Никој веќе не им верува. Ама ништо.
Вториот телефон, лоциран на скопскиот рид, одамна е на „стенд бај“ поради истрагата на Тилерсон и очекувањата, конечно, Трамп да ја сврти потребната страница. Другите „пријателски“ амбасади, пак, реагираат токму на повик од истиот тој рид, кој е принуден да молчи, а, настрана, и така, народот веќе не реагира позитивно на нивните недоветни мешања и сугестии. Пропадна и акцијата на соросоидните европратеници од Брисел. Нова статива.
Се обидоа и со вклучување трета смена во „Фабриката“, но и тоа излезе „ќор-фишек“. Тие се веќе одамна прочитани, не дека таму има и многу што да се чита, нели. За голема жал, глупостите на недоветните јуришици и на издишаните и извалкани „професионалци“ при последното вклучување на погонот им донесе само контрапродуктивни лаги од кои ни самите не знаеја како да се извадат.
Извртувањето им е специјалитет и заштитен знак, па Шекеринска се обиде со какви ли не толкувања на собранискиот деловник. Те таа и таа точка од таа и таа алинеја на тој и тој член овозможувала секакво и такво толкување и прескокнување точки од дневниот ред, па дообјаснувања од „независниот“ пратеник и невработен ексдонатор Павле Богоевски. И тоа не им помина.
Спас во евтиниот рецепт на небулози и на лаги
Притиснати „до ѕид“,го стиснаа и „паник-тастерот“ и го искористија последното орудие, толку добро познато и толку многу користено. Почнаа да лажат. На големо. На Мијалков му измислија тендери во РЕК „Битола“, На Милошоски му „летнаа“ авиони, на Груевски му извадија непостојни „премиерски“ телефонски сметки од Малта, на Мукоски закани со „црн појас“, на генерал Арсовски нелегализирана тераса, на Владиката Петар делови од досието, на Илиевски му „извадија“ стан што ни самиот не знае каде е итн. До недоглед. Ако не сте со нив, чекајте си афера: проверен, но сериозно евтин, изветвен и пропаднат рецепт. Дали не се свесни дека веќе никој нормален и сдсмовски необоен не ги „купува“ овие глупости?
И сето тоа за спас од будењето на народот, незапирлив процес, кој нема шанси да сопре со вакви небулози. Истиот тој народ бара само едно – откажување од тиранската платформа, макар била и само декларација. А тие, никако да се откажат. Паниката, очигледно, е огромна. Веројатно, чадорот им поставил и рокови, кои се веќе одамна пробиени. Најстрашно за нив, колку и да се прават недоветни, е што сакале или не, но оваа ситуација мора да заврши на избори. За два месеца или за шест, што е разликата? Небаре, „чадорот“ ќе направи магија, нова диверзија и ќе го смени мислењето на граѓаните и од предавници што со две раце се согласија да ја продадат сопствената мајка и татковина сега ќе направи херои и патриоти? Што ќе им биде оправдувањето – тоа го правевме за да влеземе во ЕУ и во НАТО? По толку лаги и измами, време е за сериозно провертување. Да, којзнае како ќе реагираат кога целосно ќе им се оттргне чадорот. Ќе позеленат од мака или ќе ги удри сончаница.
Кога странците ве „перат“, а валканиците никако да исчезнат
Бадијала и патетичниот обид на НДИ да им даде ветер во едра и да го дигне урнатиот морал на „Павел Шатев“. Американскиот Национален демократски институт (НДИ), се разбира со пари на УСАИД, направи еден од последните обиди во помошта кон сопствените миленичиња и пулени. И, пак, статива. Испадна анкета на која ѝ се потсмеваа и самите социјалдемократи. Како и не, кога во смешната и „ненаместена“ анкета, сосема случајно направена во време кога стотици илјади граѓани секојдневно се на улица со сериозно и јасно барање за прекин на тиранските небулози, се изнаслушавме секакви глупости – од типот на таа дека мнозинството граѓани мислело дека Заев треба да формира влада, па сѐ до таа шега дека помладите му верувале на СЈО и одобрувале влада и без мандат?! Дали под „помладите“ мислеа на дечиња од градинка? Ниту таму не мислат така. Недостигаше уште да кажат дека анкетата е направена на избран примерок на „Павел Шатев“ и дека Заев и Катица се најубави, најумни и дека секој друг избор за премиер ќе донесе апокалипса, а со давање доверба на двајцата „избрани“ Македонија ќе влезе во ЕУ и во НАТО за еден месец, во Г-7 за два, а најмногу за три месеци ќе стане и постојана членка на Советот за безбедност на ООН. Веројатно, во истата анкета најголема доверба би имало Министерството за смешно одење. Ако биде, нека биде монтипајтоновска до крај, нели.
Соросоидните медиуми, платени од истата каса како и анкетата, со силен жар и непрегор ја преповторија неколку пати, ама пак бадијала, сѐ помина без никаков одглас. Проблем е и што НДИ на моменти му парираше на Амбди Бајрам. Според демографијата на испитаниците, биле анкетирани 77 проценти Македонци и „други“ и 24 проценти Албанци?! Да, вкупно 101 процент…
Даштевски: СДСМ е свесен дека народот се разбуди и се налути
СДСМ е сосема свесен дека народот се разбуди, дека се налути или, ако сакате, дека „маските паднаа“, вели универзитетскиот професор Александар Даштевски, според кој дури и од ВМРО- ДПМНЕ не очекувале дека народот толку цврсто ќе застане против тиранската платформа, односно против редефинирањето на државата.
Даштевски: СВакво нешто не се случи ни во конфликтот 2001 година. Тоа што го сфати народот е дека воопшто не се работи за отстапки што би значеле поголеми права туку конечна федерализација на државата. Поради тоа, почна да паѓа рејтингот на СДСМ и тоа е главната причина што не сакаат избори во следните неколку месеци. Тие сега мора да ја избалансираат состојбата. Се обидоа да го направат тоа со флоскулата дека протестите биле во интерес на заштита на криминалот на ВМРО- ДПМНЕ, но евидентно е дека народот не се фати во таа стапица. Тоа е неуспешно завршена работа. Видовме дека СЈО е целосно политички мотивирано и под директна команда на СДСМ. Пријавите што ги поднесуваат предизвикуваат потсмев кај граѓаните, независно дали се тоа долни алишта или барање авиони кај дел од функционерите на ВМРО. Но, тоа што е суштествено е дека не може никако да се мешаат кривичните постапки со продавање на државните интереси. Постапките ќе продолжат да си течат, но доколку сега направиме отстапки со прифаќање на платформата, ја губиме државата и нема враќање назад.
Зоран Заев ветил дека ќе ги спроведе барањата во платформата, веројатно не знаејќи во целост до каде одат тие барања. Во меѓувреме, се поставуваат нови барања, кои не се во платформата, како на пример за ознаките на војската и за банкнотите. Со оглед на тоа дека владата не е формирана, СДСМ ги прифаќа и тие барања, иако во јавноста сака да ја протурка тезата дека за тоа ќе се разговара бидејќи уставни експерти рекле дека тоа е противуставно. Од друга страна, ДУИ тврди дека уставните експерти што тие ги консултирале им советувале дека тоа е уставно. Истото се случува и за државните симболи. СДСМ тврди дека нема да се менуваат, но Артан Груби реагира во истата секунда дека ДУИ не го прифаќа тоа.
Во секој случај, работите отидоа предалеку, затоа сметам дека во наредните неколку месеци СДСМ ќе се обиде да ја стабилизира состојбата, за од есен да се спроведат локални и предвремени парламентарни избори, бидејќи сега измената на Изборниот законик зависи и од ВМРО ДПМНЕ, кој може да ги услови другите дека ако сакаат локални, ќе мора да има и парламентарни избори, што е нивни став од денот кога не се направи влада.Сите сме сведоци дека непотребно се загубија четири месеци, а ќе се загубат уште толку, затоа што ваквиот распоред во Собрание не нуди стабилна влада и просперитет на државата.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 241. број на неделникот „Република“, 14.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.