| четврток, 6 декември 2018 |

Отровни бои по пазарите – како да ги препознаете?

Во продавниците, но и на пазарите, секоја година пред Велигден има сè поголема понуда од бои и гелови за бојадисување јајца. Потрошувачите најчесто купуваат таму каде што кесичките со бои се најевтини, не обрнувајќи внимание на декларациите. Но токму цената може да укаже дека бојата не е добра бидејќи техничките бои со кои се бојадисуваат ѕидовите се поевтини.

Би било добро ако боите ги купувате само на места што ги контролираат инспектори, бидејќи само поради лесна заработка, продавачите продаваат препакувана техничка боја со тешки метали, опасни по нашето здравје!

Несовесните продавачи, со желба за поголема заработка често купуваат техничка боја и ја препакуваат во кесички, кои подоцна ги продаваат како боја за јајца. А за купувачот да биде сигурен дека купил прехранбена, а не техничка боја којашто се употребува за бојадисување на ѕидови, на декларацијата мора да бидат испечатени ознаките од 100 до 180.

Прехранбените бои се прочистени, но затоа се и поскапи. Техничките и прехранбените бои имаат ист состав, но се разликуваат во застапеноста на микрокомпонентите во кои спаѓаат и тешки метали, а тоа се најчесто олово, кадмиум, жива и арсен. Најопасни се анилинските бои.

Ознаките E од позитивната листа укажуваат на тоа дека боите се класификувани како адитиви за храна. Ознаките E од 100 до 180 значат дека производителот гарантира и ако дел од бојата навлезе во јајцето.

И уште една важна забелешка – треба да купувате само на места што ги контролира инспекција, а притоа треба да обрнете внимание и на рокот на траење.

Секако, најдобра верзија се природните бои од зеленчук, а луковиците повеќе не се единствен избор. Виолетова боја може да добиете од виолетовата (црвена) зелка, портокалова може да добиете од исечкан морков, розова од изрендано цвекло, жолта од куркума и цвет од невен, црвена од црвена пиперка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top