Дебарските јагниња, како и изминатите години ќе се најдат на италијанската, а првпат годинава и на хрватската велигденска трпеза.
Според Скендер Аме, претседател на Здружението на сточари „Даши“ тоа е поради високиот квалитет на јагнешкото месо.
– Сточарите од општините Дебар и Центар Жупа располагаа со 20 илјади јагниња. Над 80 насто се откупени од фирми од Гостивар и Скопје, кои се занимаваат со тоа. Продолжува традицијата тие главно да бидат извезувани за Италија, а првпат сега и за Хрватска. Останатиот процент јагниња, сточарите ќе ги чуваат за продажба на локалните жители за Велигден, Први мај и Ѓуровден, вели Аме.
Тој го нагласува незадовоството на сточарите од откупната цена која изнесува 120 денари за килограм жива мера. За разлика од пред неколку години кога цената беше 180 денари, додава тој, последните три години таа бележи контнуирано намалување.
– Голема поддршка за нас сточарите се секако субвенциите кои ни ги дава државата. Како резултат на тоа се зголемува бројот на сточарите, а со тоа и грлата овци, за што во нашиот поширок регион има идеални услови, посочува Аме.
Сточарите од двете општини располагаат со околу 40 илјади грла ситен добиток, што е двапати повисока бројка од онаа пред околу пет години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.