Собранието и денеска го заврши продолжението на конститутивната седница во 18 часот, а како што најави претседавачот со седницата, Трајко Вељаноски со работа ќе продолжат по Велигден, во вторник. Денешното продолжение помина во реплики и контрареплики на говорот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стевананџија и во процедурални забелешки.
– На избори да ја тестираме платформата ваша и програмата наша- рече пратеникот Димитар Стевананџија, според кого лидерот на СДСМ Зоран Заев го напуштаат негови членови од општински организации и се придружуваат на иницијативата „За заедничка Македонија“, а дека и кај многу гласачи на СДСМ е разнишана довербата зашто, како што рече, биле прелажани со постизборна измама.
Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ од говориницата порача дека имаат решение на ситуацијата.
– Нудиме решение – денеска да го распуштиме Собранието, за 45 дена ќе имаме парламентарни и локални избори. Не сфаќам, од една страна се фалите по телевизии дека сами ќе имате 70 пратеници ако има избори, од друга страна бегате од избори. Имајте 70 пратеници, па нема да зависите ни од ДУИ, ни од БЕСА -рече Димовски.
Ова беше 12 ден од продолжението на конститутивната седница. Од СДСМ продолжија да бараат од Вељаноски, како што велат, да ја одблокира институцијата и да се премине на следната точка за избор на претседател на Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека со тоа им се скратува дебатата за оваа точка, избор на членови на Комисијата за избори и именувања и побараа од СДСМ да се откажат, како што велат, од тиранската платформа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.