| четврток, 6 декември 2018 |

Со базен, капела и садници Циц ќе го враќа долгот кон УЈП

Советниците на општина Куманово на денешната вонредна седница на советот на општината ги изгласаа предлог одлуките за ставање под залог на комерцијалниот дел на компллексот базени, парастoс салата и садниците, со цел да се подмири долгот што ЈП „Чистота и Зеленило” го има кон УЈП и да се одблокира сметката на претпријатието.

Со денешната седница се промени одлуката која беше донесена на последната редовна седница, бидејќи, како што беше посочено, Mинистерството за финансии не е надлежно за давање согласност за ставање под залог и бидејќи, катастарската парцела каде што е сместена салата за парастос не била поделена со останатиот имот на претпријатието. Советниците од опозицијата не гласаа за овој предлог. Вонредната седница беше свикана на барање на градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој денеска ги повика советниците да ги поддржат одлуките, бидејќи, на таков начин, како што рече, ќе се одблокира сметката и ќе се овозможи непречено функционирање на претпријатието, а со тоа ќе се одбегне трупање на смет во Куманово. Дамјановски посочи дека долгот ќе се врати на 36 месечни рати. Тој, рече градоначалникот, е долг е стар петнаесет години и е акумулиран кога ДДВ-то било 18 проценти. Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило”, Сашо Петрушевски нагласи дека очекува и УЈП да пристапи кон наплата на долговите што другите субјекти ги должат кон претпријатието, но и дека очекува поддршка од општината. Ние, рече тој, сме во состојба да го вратиме долгот, кој, потенцира, е фиктивен.

Советниците од опозицијата, од Коалицијата „За подобра Македонија”, денеска, како и на редовната седница не ги поддржаа предлозите, бидејќи нагласија не можат да бидат запаметени како советници кои распродавале имот на граѓаните. Реагираа дека ова е парцијално решение, бидејќи, според нив, не може да се отплаќа месечна рата од два милиони денари, бидејќи претпријатието не работи со таков капацитет.

– Како советничка група бевме против одлуката, бидејќи сметме дека немаме мандат имотот на граѓаните да го ставаме под хипотека затоа што некој не си подмирил невремено обврските или затоа што некој треба да преземе одговорност за такво нешто, изјави координаторот на советничката група Драган Петковски.

Нагласи дека долгот се провлекува 15-тина години и дека никој не повикал некого за одговорност. – Не добивме гаранција дека долгот ќе се сервисира и наше мислење е дека претпријатието не може да го сервисира тој долг, потенцира Петковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top