| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: „Македонија вработува“ отвори повеќе од 25.000 работи места

makedonija-vraboruvaПроектот „Македонија вработува“  во изминатите две години отвори нови 25.000 работни места, а поволностите што ги нуди за компаниите ги искористиле 4.100 фирми. Само преку „Македонија два“ се вработени околу 6.000 лица, а според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски проектот тече одлично и го оценува дека е најдобро нешто што и се случило на Македонија во последните 25 години.

– За неполни две години само со еден проект во два дела „Македонија вработува еден“ и „Македонија вработува два“ се отворија над 25 илјади работни места што е огромен успех и е еден од најдобрите проекти во историјата на независна Македонија. Со овие два проекта им се овозможи вработување на голем број луѓе од ранливи категории кои тешко можеа да дојдат до вработување. На компаниите им се дадоа екстремно добри услови за да се охрабрат да ги вработат овие луѓе, рече Груевски, одговорајќи на новинарски прашања по увид на градежни работи на катната гаража „Смилевски конгрес“.

Тој нагласи дека „Македонија вработува два“ почна откако заврши „Македонија вработува еден“ кога, како што кажа, најголемиот потенцијал за мерката веќе беше искористен, но, сепак, е како да се привлекле инвеститори кои отвориле нови 12 до 13 фабрики со по 500 вработувања.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика компаниите до 27 јуни кога истекува проектот Македонија вработува два да ги искористат поволностите што ги нудат  и да вработат лица по екстремно подобри услови со неплаќање на многу давачки кон државата. По 27 јуни, како што рече, повеќе нема да имаат таква можност.

– Очекувам до 27 јуни бројката на вработени преку Македонија вработува два да порасне и дека компаниите ќе ги искористат поволностите што им се нудат. Мерката е дизајнирана да не биде социјален момент, туку да биде од интерес на компаниите, да биде за нивно добро, рече Груевски и додаде дека 4.100 компании ја искористиле мерката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top