Нашата најпозната оперска певица во светот, сопранот Ана Дурловски изминатиот и овој месец со огромен успех ја толкуваше улогата на Гиневра во операта „Ариоданте“ од Хендл, во продукција на операта од Штутгард. За настапот на Дурловски, тамошните критичари напишаа:
„Како Гиневра, Ана Дурловски негува волуменозен тембр и богато вибрато…“ (Neuer Zürcher Zeitung)
„Македонскиот сопран Ана Дурловски го доведува комплексниот лик на Гиневра до крајните граници на животот“ (BR Klassik)
„Мајсторството на интерпретацијата на Ана Дурловски во третиот чин, каде Гиневра станува жртва, го заслужува нашиот восхит…“ (Forumopera – le magazine du monde lirique).
Ана Дурловски продолжува да ги искачува скалилата на европската и светска оперска уметност, воодушевувајќи ги критичарите и публиката со својата совршена техника, кристално јасен тембр и фразеологија. До крајот на летото таа ќе настапи во улогите на Елвира во „Пуритани“ од Винченцо Белини на сцената на Операта во Штудгард и Шумската птица во операта „Зигфрид“ од Вагнер, на престижниот оперски фестивал на Вагнер во Бајрот. Македонската публика пак, ќе се воодушевува на Ана Дурловски на отворањето на годинашните 45-ти „Мајски оперски вечери“, кога таа ќе настапи во улогата на Виолета во операта „Травијата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.