На штотуку завршениот петнаесетти Моден викенд Скопје за најдобар дизајнер на есенското издание беше избрана Силвија Михајловска, која стои зад модната марка „алшар“. Михајловска ја претстави колекцијата инспирирана од филмот на Сидни Полак „Моја Африка“, во кој главните улоги ги толкуваат холивудските ѕвезди Мерил Стрип и Роберт Редфорд. Креациите се изработени од лен, памучен пуплин, памучен кепер, екокожа, во типични сафари бои: крем, бела, маслинеста, зачинета со металик нијанси на сребрена и бакарна, црна и интензивна жолта. Колекцијата содржи 29 креации кои се уникатни и нема да бидат мултиплицирани.
Михајловска следната година има и два јубилеја, 10 години од постоењето на „Алшар“ и 20 години од нејзината прва ревија на Факултетот за ликовна уметност (ФЛУ).
На 15. Моден викенд Скопје ја претставивте новата колекција инспирирана од филмот „Моја Африка“. Колку сте задоволна од ревијата? Помина ли добро?
МИХАЈЛОВСКА: Ревијата помина беспрекорно. Јас сум презадоволна бидејќи успеав да го доловам креативниот занес што ме водеше создавајќи ги парчињата инспирирани од филмот „Моја Африка“. Вистинската магија на една колекција најдобро се гледа на модната писта, каде што публиката во целост може да ја види приказната која стои зад колекцијата. Реакциите се одлични, како од модната јавност, така и од публиката – девојките и жените што сакаат да ги носат моите креации.
Дали инспирација за новата линија е ликот што го толкува Мерил Стрип, Карен, или, пак, актерката?
МИХАЈЛОВСКА: Инспирацијата за колекцијата се роди со едно случајно повторно гледање на филмот кое кај мене предизвика силна креативна инспирација. Целиот амбиент на филмот, емоциите на главните актери и ликот на Карен влијаеја магично на мене. Најмногу ме инспирираше Карен, која е голем индивидуалист и истовремено силна и принципиелна личност.
За кои жени е создадена оваа линија на марката „алшар“? Како ги замислувате жените што ќе ги купат вашите модели?
МИХАЈЛОВСКА: Сакам луѓе што не живеат по општоприфатени општествени правила, туку го живеат сопствениот филм. Неконвенционални, оригинални, бунтовни и свои – таква е и мојата Карен, уникатна и самоуверена.
Какви ткаенини користевте?
МИХАЈЛОВСКА: Креациите се изработени од лен, памучен пуплин, памучен кепер, екокожа, во типични сафари бои: крем, бела, маслинеста, „зачинета“ со металик нијанси на сребрена и бакарна, црна и интензивна жолта. Ова е колекција наменета за општиот пазар (ready to wear), колекција за пролет-лето 2017, која содржи 29 модели – креации што се уникатни и нема да бидат мултиплицирани.
Вашите досегашни колекции изобилуваат со женствени фустани. Дали новата колекција ќе биде нешто поразлична?
МИХАЈЛОВСКА: Класичните женствени фустани се дел од комерцијалните колекции кои се изработуваат постојано за редовна продажба во ателјето. Во изминатите години правам и посебни дизајнерски колекции кои се поавангардни и многу поблиски до моето лично чувство за мода и дизајн и на мое огромно задоволство се одлично прифатени од моите клиенти. Колекцијата „Моја Африка“ (Out of Africa) содржи креации со нагласени геометриски и архитектонски форми, со изразен волумен. Силуетата е женствена, но разиграна со асиметрични форми, а сите парчиња имаат и многу метални делови (копчиња) и големи џебови карактеристични за сафари-стилот – микс на нежно и на грубо.
Ова е Ваше второ претставување на Моден викенд Скопје. Дали сте задоволна од соработката?
МИХАЈЛОВСКА: Минатата година на Модниот викенд се претставив со колекцијата „Sakura (In)Fusion“ која беше забележана од модната јавност, но и од моите клиенти и беше продадена набргу по настанот. Модниот викенд е одлична можност за сите дизајнери да ја прикажат својата работа на едно повисоко ниво. Публиката има можност да ги види креациите во вистинско светло поради што придобивката е огромна. Единствено што мене ми пречи е времето на одржување бидејќи кај нас никој не изработува колекции за наредната сезона, туку за тековната – тоа е концептот „види сега – купи сега“ (see – now, buy – now). Сезоната во времето на одржување на настанот е веќе почната (особено за есенскиот Моден викенд), што остава помалку време на креаторите за продажба и нарачки на колекцијата. Затоа мислам дека настанот би можел да се помести барем еден месец порано.
Колку време постои марката „алшар“? Дали се развива онака како што замислувате?
МИХАЈЛОВСКА: Проектот „Алшар“ почна да функционира пред девет години со скромен кредит и еден вработен. Горда сум што денес сме тим од шест професионалци, имаме посебен работен и посебен продажен простори, успеавме да ја издигнеме работата на многу повисоко ниво во сите сегменти на работење. Користиме квалитетни материјали, имаме беспрекорна изработка и, најважно од сѐ, многу редовни клиенти, од „обични“ девојки до жени од јавниот и политичкиот живот. Ги придобивме купувачите со квалитетни и уникатни парчиња и речиси никогаш не ги повторуваме нашите креации, кои, и покрај сѐ, имаат многу пристапни цени. На неделно ниво во ателјето пристигнуваат по десетина нови парчиња, што, секако, е многу исцрпувачки процес на работа, особено во креативна смисла, но сѐ е можно кога се работи со огромна љубов.
По ревијата на Моден викенд, што подготвувате ново?
МИХАЈЛОВСКА: По ревијата, колекцијата веднаш ќе биде достапна за продажба. Потоа следува една поотпуштена летна колекција, едно летно освежување и реновирање на ателјето, па есенска колекција… Следната година имам и два јубилеја, 10 години од постоењето на „алшар“ и 20 години од мојата прва ревија на ФЛУ.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 240. број на неделник Република кој излезе во печат на 7.4.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мијата манекенка на Моден викенд Скопје
-
Ивана Кнез: Време е на модата да и го вратиме достоинството
-
„Алшар“ создаде пролетна колекција за девојки и жени кои се чувстуваат слободно и опуштено
-
Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска ќе го отворат 17. Моден викенд, Олгица Ѓоргиева го затвора пролетното издание