| четврток, 6 декември 2018 |

Град Скопје ќе субвенционира до 4 000 денари за купување на велосипед

koce-tocak

Скопјани ќе добиваат субвенции од Град Скопје за набавка на велосипеди. Максималниот износ за купување велосипед по лице ќе биде во висина од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, со вклучен персонален данок на доход.

Како што информираше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, на утрешната седница на Советот на Град Скопје на дневен ред ќе се најде одлуката со која се предвидува субвенции до 4.000 денари за набавка на велосипед, со што со оваа мерка се очекува да се доделат субвенции за најмалку 2.500 велосипеди.

– На утрешната седница на Советот на Град Скопје предложив проект со кој Градот Скопје ќе додели субвенции на граѓаните за купување велосипед, како една од директните мерки за унапредување на велосипедскиот сообраќај во градот, за да ги поттикнеме граѓаните во што поголем број да користат велосипед како транспортно средство. Градот Скопје изминативе години работи интензивно на подобрување на условите за користење на велосипедот во Скопје, преку реализацијата на проектот за унапредување на велосипедската инфраструктура во Скопје „Скопје Велоград 2017“. Со реализацијата на овој капитален проект, ние создаваме услови за користење на велосипедот во Скопје и сметаме дека се создадени доволно услови за доделување субвенции за набавка на велосипеди, истакна градоначалникот Трајановски.

Со проектот СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017 во градот ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои ќе се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои ќе се протегаат во насока север – југ, со вкупна должина од 51 километар. Досега, целосно е изградена Рутата 1, а велосипедистите можат непречено да се движат по новоизградените и реконструирани велосипедски патеки коишто ја поврзаа Гази Баба преку центарот на градот со Карпош. Во завршна фаза е изградбата и реконструкцијата на велосипедските патеки од Рутата 2 со што ќе се поврзе општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Патеките од преостанатите рути се во фаза на проектирање, по што ќе следува нивна изведба.

Досега целосно се изградени и реконструирани велосипедски патеки во должина од околу 18 километри, а изградени се и ролерско-велосипедски патеки од двете страни на кејот на реката Вардар, со вкупна должина од над 10 километри.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top