| четврток, 6 декември 2018 |

Над 1.500 жени трчаа во Градскиот парк за промоција на спортот и здравиот живот

Повеќе од 1.500 жени, меѓу кои имаше рекреативни тркачи, мајки со бебиња во колички, професионални атлетичарки, жени со своите миленици, девојчиња и пензионерки, беа дел од денешната Авицена Женска трка што се одржа во Градскиот парк во Скопје. Стартот на трката беше кај Школка, од каде учесничките истрчаа 2 километри низ паркот.
Пред официјалниот старт на трката, учесничките половина час се загреваа со аеробик и одлична музика, водени од сертифицирани аеробик инструктори. По завршувањето на трката, пак, имаа дополнителни вежби за истегнување и за релаксација. Најдобрите три натпреварувачки во генералниот пласман добија награди, медали и дипломи, а награди имаше и за најдобрите три во неколку возрасни категории. Сите пријавени учеснички на трката добија подароци од спонзорите на настанот, а беше организирана и лотарија за сите учеснички, при што најсреќните дома заминаа со подароци обезбедени од бројните пријатели на трката.

cof

– Здравиот живот и рекреацијата не се само навики, туку се култура на живеење. На сите нас рекреативното вежбање треба да ни биде неизоставен дел од секојдневието бидејќи грижејќи се за сопственото здравје, се грижиме и за нашите најблиски. Научните истражувања низ светот го потврдија фактот дека вежбањето, одржувањето на кондицијата и доволното количество вода се од огромно значење за здравјето на модерните жени, велат организаторите и поддржувачите на трката.
Женската трка е дел од промотивните активности за најмасовниот спортски настан во Македонија, Скопскиот маратон, кој ќе се одржи на 7 мај. Целта на организирањето на Женската трка е да се популаризира трчањето како спортска активност меѓу жените и да им се предочат придобивките за нивното здравје од редовната рекреација и вежбање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top