| четврток, 6 декември 2018 |

Ако немате дигитален приемник – од денес нема телевизија за вас

Македонските граѓани од денеска ќе следат телевизиска програма само преку дигитален сигнал, што треба да овозможи кристално чиста слика, беспрекорен звук и нови интерактивни услуги. Заради исклучувањето на аналогниот и вклучувањето на дигиталниот сигнал, граѓаните кои немаат кабелска телевизија, Макс или Бум ТВ, а имаат постар телевизор ќе треба да си купат нов телевизор со вграден уред за дигитален прием, или пак дигитален приемник (сет топ бокс) за да можат да следат телевизиска програма.

Главната разлика во однос на досегашното аналогно емитување, што ќе замине во историјата по шестдецениско користење, е употребата на еден фреквентен канал за пренос на повеќе телевизиски програми во исто време.

Исклучувањето на аналогниот сигнал ослободува поголем фреквенциски опсег и ќе овозможи за 16 пати да се зголеми бројот на програми, од сегашните 49 на 400. Дигитализацијата овозможува воведување и на 4G (четврта генерација на широкопојасни мобилни мрежи) со што се обезбедува голема брзина на интернет пристап. Ќе се добие и повеќеканален тон, односно дополнителни услуги како титлување на повеќе јазици и можност за избор на саканиот јазик, електронски
телевизиски водич со термин на прикажување и опис на емисиите до седум дена однапред, прием на телевизиските сервиси и со други „паметни“ уреди и средства (персонален компјутер, телефон, лаптоп, таблети и друго). Се подобруваат и можностите за нови тематски канали (информативни, детски, спортски,…), побрз телетекст, 3D телевизија, како и можности за интерактивна телевизија со употреба на интернет врска, информативни услуги (datacasting), купување и плаќање од дома, интегрирање на интернет апликации како социјални мрежи, портабилен и мобилен прием. Со дигитализацијата ќе заминат во историјата слабостите на аналогната телевизија, ограничениот број фреквенции и подложноста на интерференции и губење на сигналот или негово дуплирање, што се карактеризираше со т.н „сенки и снег“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top