Според податоците од националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“, во 2016 година, 55.000 пациенти се упатени на повисоко ниво на здравствена заштита или се упатени да подигнат лек на рецепт со дијагноза депресија. Тоа е околу 2,75 отсто од вкупното население, што е помалку од просекот според Светската здравствена организација, кој се движи од 3,8 до 6,3 отсто.
Ова денеска го истакна вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров, на свечениот собир кој денеска го организираше Македонското лекарско друштво по повод 7 април, Светски ден на здравјето. Тој рече дека според стручните лица во оваа област, треба да се има предвид дека за оваа состојба се уште постои стигма и токму затоа со центрите за депресија низ државата целта е да се надмине стигмата и да се охрабрат тие лица да побараат стручна помош.
– Според анкетата спроведена од Институтот за медицина на трудот околу 70 проценти од испитаните доктори (околу 1.200) се изјасниле дека не можат точно да ги препознаат симтомите на депресија. Министерството за здравство ова го препозна и затоа предвидовме едукација на матичните лекари за рано препознавање и дијагностицирање на депресија, посочи Тодоров.
Нагласи дека има еден куриозитет – во системот „Мој термин“ констатирале дека оваа година е дијагностицирана депресија кај едногодишно дете. Обврската на лекарите, потенцира, е точно да ги препознаат симптомите и да постават прецизна дијагноза.
– Јавно здравствениот систем во нашата земја е претставен со три специјални психијатриски болници, психијатриски одделенија во шест општи и три клинички болници, како и Универзитетска клиника за психијатрија-Скопје, како установа од терциерно ниво. Треба да се има во предвид дека депресијата е болест на современото општество и во нејзиниот третман потребно е да се вклучат не само професионалците во областа на менталното здравје, туку и останати стручни лица, како што се социолози, психолози, педагози и друг соодветен кадар, рече Тодоров.
Појасни дека Министерството за здравство пред три години почнало посебен проект за унапредување на менталното здравје, при што биле отворени поголем дневни центри за лекување депресија во здравствените домови низ целата држава, со цел превенција на депресијата, истовремено исклучувајќи ги аспектите на стигматизација.
– Само на територијата на град Скопје, во пет поликлиники функционираат Центри за депресија, а досега во Центрите за депресија услуга побарале над триста лица. Со отворање на Центрите за депресија овозможивме дополнување на здравствениот систем во областа на душевното здравје, додаде Тодоров.
Претседателот на Македонското лекарско друштво, Горан Димитров рече дека во регионот има одредени земји кои се далеку послаби од Македонија во делот на здравството.
Во врска со стручната оспособеност на лекарите, посочи дека македонските лекари кога ќе отидат во странство се многу почитувани. Според него, тоа укажува дека континуираната медицинска едукација на лекарите е одлична.
Реферат по повод Светскиот ден на здравјето прочита проф.д-р Марија Ралева, а беа доделени и признанија на Македонското лекарско друштво.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со куриозитетот кој се однесува на тоа дека во системот „Мој термин“ констатирале дека оваа година е дијагностицирана депресија кај едногодишно дете, Тодоров рече дека тоа го отворил како прашање за да се подигне свесноста со цел експертите во оваа областа, специјалистите, професорите да се занимаваат со овој аспект со цел тоа да не се повторува.
– Дали тоа е резултат на погрешно препишување, дали е резултат на погрешно дијагностицирање тоа треба да го утврдат експертите. Имајќи ја предвид денешната тема на дискусија имавме обврска да го покренеме ова прашање бидејќи тоа го констатиравме од анализата на системот „Мој термин“, рече Тодоров.
Во врска со состојбата со депресијата или како стои Македонија во однос на другите држави, додаде дека Македонија стои многу подобро, имајќи предвид дека просекот за оваа дијагноза е далеку понизок од оној утврден од СЗО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.