Барселона ќе ја активира клаузулата од 12 милиони евра за да го врати во своите редови извонредниот младински репрезентативец на Шпанија, Жерар Делофеу. Играч, кој му беше продаден на Евертон, но со склучен договор меѓу двата клуба да може да се врати во редовите на Каталонците за сума од 12 милиони евра. Англискиот клуб го позајми 23-годишното крило прво на Севилја, а потоа и на Милан. Со добрите игри во Серија А, Делофеу повторно го привлече вниманието на својот матичен клуб.
Шпанските медиуми објавија дека овојпат Барселона сака да го задржи својот играч на подолг период.
Делофеу во јуни ќе биде еден од големите адути и на младинската репрезентација на Шпанија, селекција која ќе ни биде прв противник во историскиот меч на ЕП во Полска. Против „Црвената фурија“ ќе играме на 17. јуни во Гдиња. Извонредното крило на Шпанците беше прв стрелец на четирикратниот европски младински првак во квалификациите заедно со Мунир Ел Хадади. Двајцата постигнаа по 7 погодоци, а Делофеу како капитен ќе ја предводи младата репрезентација на Шпанија на ЕП во Полска од 16. до 30. јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.