| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ и НАТО: Нападите на САД се потребни против варварските хемиски напади во Сирија

nato

Лидерите на Европската унија и на НАТО, денеска реагираа на американскиот ракетен напад врз воздухопловната база на сириската Армија, која е обвинета за нападот со хемиско оружје во Хан Шејхун при што загинаа најмалку 70 цивили.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на својот профил на социјалната мрежа Твитер ги поздрави американските напади со ракети „Томахавк“.

– Нападите од САД ја покажаа потребната решителност против варварските хемиски напади. ЕУ ќе работи со САД за да се стави крај на бруталноста во Сирија, порача Туск.

Во исто време, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во соопштение до јавноста го осуди „ужасниот напад“ со хемиско оружје во сирискиот град Хан Шејхун на 4 април и недвосмислено ја осуди употребата на хемиско оружје.

– Минатата ноќ, како одговор, САД започна воздушни напади на аеродромот Шајрат. САД ја информираа ЕУ дека овие напади се ограничени и се обидуваат да спречат понатамошни злосторства со хемиско оружје. Овие напори се за да се спречат понатамошни напади. Постои јасна разлика меѓу воздушни напади врз воени цели и употреба на хемиско оружје против цивили, порача Јункер.

Во неговото соопштение, првиот човек на Европската комисија побара да се зголемат напорите за „спречување на спиралата на насилството“ во Сирија и двојно повеќе да се работи кон обезбедување на траен мир.

– Само политичка транзиција може да доведе до таков резултат, а јас и Европската комисија во целост сме подготвени да ја одиграме својата улога во целост, додаде Јункер.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, во неговото обраќање до јавноста не ги коментираше, туку само ги спомена американските напади.

Столтенберг посочи дека по овонеделните „ужасни напади со хемиско оружје“ во Хан Шејхун, САД започна напади на аеродромот Шајрат во Сирија.

– Сирискиот режим ја сноси целата одговорност за овој развој. НАТО постојано ја осудува континуираната употреба на хемиско оружје во Сирија како јасно кршење на меѓународните норми и договори. Секое користење на хемиско оружје е неприфатливо, тоа не може да оди без одговор и одговорните мора да бидат повикани на одговорност. НАТО ја смета дека употребата на хемиско оружје како закана за меѓународниот мир и безбедност, истакна Столтенберг.

На крајот во неговото обраќање, генералниот секретар на Алијансата порача дека НАТО ги поддржува сите меѓународни напори за постигнување мир и политичко решение во Сирија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top