| четврток, 6 декември 2018 |

Реномираниот македонски баритон Марјан Јованоски гостуваше во операта на Астана во Казакстан

Реномираниот македонски баритон Марјан Јованоски гостуваше во операта на Астана во Казакстан. Јованоски на 6-ти април настапи во улогата на Скарпија во операта „Тоска“ од Џакомо Пучини, во оригиналната продукција на Миланска скала, под диригентско водство на италијанскиот маестро Џузепе Аквавива, а со реномираната оперска певица Жупар Габдулина во насловната улога.

Еден од водечките солисти на Македонската опера и балет, Јованоски развива богата оперска кариера, настапувајќи во САД, Германија, Австрија, Бугарија, Хрватска и други земји. Публиката го памети неговиот извонреден настап во улогата на принцот Елецкиј, заедно со оперската легенда, мецосопранот Елена Обрасцова во операта „Пикова дама“ од Петар Илич Чајковски на сцената на летниот театар „Крижанке“ во Љубљана, Словенија. Одличен вокал и уметнички талент, Јованоски е добитник на бројни награди, вклучувајќи ја и Втората награда на меѓународниот конкурс „Е. Димитрова“ во Плевен, Бугарија и наградата „Џузепе Верди“ за најдобар баритон на меѓународниот оперски натпревар во Сполето, Италија.

За Марјан Јованоски ова претставуваше прв настап во неодамна отворената операта во Астана, а на иницијатива на Амбасадорот на Република Македонија во Казакстан, Илија Псалтиров. Премиерното претставување на Јованоски во Астана е резултат на соработката помеѓу тамошната опера и Македонската опера и балет за размена на уметници.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top