Сузан Е. Рајс побарала да се објават имињата на, инаку, неидентификуваните американски луѓе во десетици разузнавачки извештаи што се однесуваат на кампањата на Трамп, велат извори за „Вашингтон тајмс“.
Иако активностите на Рајс и евентуалниот интерес во кампањата на Трамп се во рамките на нејзината правна надлежност како советничка за национална безбедност, бомбастичните откритија го погодија Вашингтон во нерв и предизвикаа шпекулации дека таа би можела да биде повикана да сведочи во Капитол Хил во врска со руското мешање во изборите.
– Пронајден е крунски доказ! Пријателката на Обама, Сузан Рајс, ја шпионирала кампањата на Трамп – напиша во понеделникот републиканскиот сенатор од Кентаки, Пол Ранд, на својот профил на „Твитер“.
Од понеделникот вечерта Рајс нема дадено коментар во јавноста за ситуацијата, која прв ја објави „Блумберг вју“ и беше потврдена од страна на извори на „Тајмс“, кои сакаа да останат анонимни.
Во согласност со прописите со кои се регулира меѓународниот и домашниот надзор на странски цели, се бара имињата на Американците што случајно се појавиле да бидат затемнети или преправени кога информациите подоцна ќе бидат вклучени во извештајот за приватни цели. Прашањата на националната безбедност или криминал, сепак, може да преминат преку правото на приватност.
На крајот од минатиот месец на „Њуз ауер“ на „Пи-Би-Си“ Рајс беше прашана дали некој од претставниците на Трамп задолжени за транзицијата биле цел на случаен надзор. Таа одговори: „Не знам ништо за тоа“.
Тврдењата за Рајс доаѓаат речиси пет години откако таа беше остро критикувана по терористичкиот напад од 11 септември 2012 година, во кој загинаа амбасадорот на САД, Кристофер Стивенс и уште тројца Американци во Бенгази, Либија.
Рајс, која беше американска амбасадорка во Обединетите нации во тоа време, се појави на неколку емисии во деновите по нападот за да го шири подоцна разоткриеното тврдење дека нападот не бил извршен од страна на терористи, туку од спонтано собрана толпа народ гневен поради антиисламско видео на интернет.
Изворите што зборуваа за „Тајмс“ во понеделникот изјавија дека Езра Коен-Ватник, вработен во Националниот совет за безбедност во администрација на Трамп, спровел ревизија во февруари и открил повеќе барања од страна на Рајс за откривање на американските граѓани во известувањата на разузнавачките агенции за активностите на Трамп за транзицијата.
Коен-Ватник ги изнесе своите забелешки за интересот на канцеларијата на генералниот советник во Белата куќа за Рајс.
– Целта на Езра беше да се обезбеди политички меморандум за процесот со кој претставници на администрацијата на Обама се соочиле со разоткривање – изјави еден од изворите што зборуваа со „Тајмс“.
– Но, во текот на разгледувањето на информациите, тој налета на Сузан Рајс.
30-годишниот Коен-Ватник има работено во Агенцијата за одбрана и за разузнавање за поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, Мајкл Флин, кој поднесе оставка во февруари, по само четири недели работа, по информациите дека тој ги излажал потпретседател Мајк Пенс и други функционери за својата соработка со Русија за време на транзицијата.
Коен-Ватник, според израелскиот весник „Харец“, е, исто така, близок со зетот и советник на Трамп, Џеред Кушнер, и со главниот претседателски стратег Стивен Банон.
Обама го олесни споделувањето разузнавачки информации
Во одделен и потенцијално поврзан пресврт што се случи пред луѓето на Трамп да го преземат Советот за национална безбедност, администрацијата на Обама значително ги намали ограничувањата за размена на разузнавачки информации меѓу Агенцијата за национална безбедност и 16 други американски шпионски агенции. Дебатата во круговите за национална безбедност за степенот на влијанието што потегот на претседателството на Обама за време на неговите последните недели, можеби, го има врз вкупната истрага за руското мешање засега сѐ уште не е завршена и им овозможува на лојалистите на Обама да објавуваат информации од политички причини.
Изворите што разговарале со „Тајмс“ изјавија дека информациите што Коен-Ватник ги открил за Рајс се истите како и тие во центарот на медиумската и политичка лавина што го опкружува републиканецот Девин Нунес, кој претседава со Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом на САД. Канцеларијата на Нунес не сакаше да коментира за откритијата во врска со Рајс.
Минатиот месец Нунес ја посети Белата куќа, а потоа одржа прес-конференција на која објави дека само што ги разгледал разузнавачките извештаи што покажуваат дека Трамп и неговите соработници биле вклучени во надзорот на САД на странски цели.
Нунес беше дел од тимот на Трамп задолжен за транзицијата и неговото соопштение предизвика неговите демократски колеги и некои водечки републиканци да се спротивстават на тоа и да ја испитуваат неговата непристрасност. Неколкумина од нив, вклучувајќи и висок член на комисијата и демократ од Калифорнија, Б. Адам Шиф, го повика Нунес да се повлече од истрагата за руското мешање во изборите.
Викендов, Шиф напиша на „Твитер“ дека тој, конечно, го видел материјалот за надзор во прашање и верува дека, како прво, треба да се сподели со целосниот состав на комитетот, како дел од обичните обврски за надзор.
Белата куќа не им придаде важност на тврдењата за Рајс, но Трамп веќе неколку недели пишува на „Твитер“ дека истрагите на Претставничкиот дом и на Сенатот за руското мешање на изборите во ноември треба да се фокусираат на потенцијалните нелегални информации што протекле од администрација на Обама во медиумите за неговата кампања и на нејзините контакти со руски официјални лица.
„Вистинската приказна се покажа дека е НАДЗОР и ПРОТЕКУВАЊЕ на информации! Пронајдете ги виновниците за тоа“, напиша претседателот на „Твитер“ во неделата.
Еден ден претходно Трамп ја пофали „Фокс њуз“ на „Твитер“ за известувањето дека некој многу добро познат, многу висок претставник во светот на разузнавачите е одговорен за откривањето на имињата на неколку приватни лица поврзани со кампањата на Трамп, кои биле вмешани во надзорот на САД на странски претставници.
– Не би сакал да навлегувам во мотивите затоа што се повлекуваат некои работи во кои сметам дека не сме подготвени да навлегуваме. Тоа ќе значи мешање во истрагата – изјави во понеделникот портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.
Критичарите на администрацијата на Трамп ја обвинија Белата куќа за промовирање на тврдењата за протекување и за разоткривање за да се одвлече вниманието од изјавите дека кампањата на Трамп соработувала со руски официјални лица за да се наместат изборите во полза на Трамп.
Исплатите на Флин
Во меѓувреме, во понеделникот вработени од различни комисии на Претставничкиот дом изјавија за „Вашингтон тајмс“ дека чекаат одговори на официјални барања за информации за плаќањата и за контактите што ги имал Флин со претставници на странска влада.
На 22 март лидерите на Комисијата за надзор и за владини реформи испратија двопартиско писмо во кое официјално бараат од Белата куќа, ФБИ, Министерството за одбрана, директорот на Националното разузнавање, бирото на говорници „Лидинг ауторитис“, кое рускиот медиум „Раша тудеј“ го користела за да му плаќа на Флин по 45.000 долари за да се појави на настан во Русија, да ги предадат до понеделник сите документи во врска со Флин.
Претседателот на комисијата Џејсон Чафетс, републиканец од Јута, ја искажа својата нервоза на „Ем-Ес-Ен-Би-Си“ во понеделникот за исплатите што ги добивал Флин.
– Едноставно, еден поранешен воен офицер не смее да прифаќа такви плаќања – рече тој.
Чафетс, исто така, ја отфрли желбата на Флин да добие имунитет во замена за сведочење за руското мешање во изборите.
– Сметам дека тој не треба да добие имунитет – рече Чафетс. – Имунитет за што?
Минатата недела, Комитетот за разузнавање на Сенатот го одби барањето за имунитет на Флин.
Извор: „Вашингтон тајмс“
Превод: Ана Цветаноска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.