Во ЕУ владее конфузија. Секој си тера на сопствена страна и гледа од аспект на интересот на матичната земја. Ова, барем според странските познавачи на состојбите е најкусиот опис на актуелната ситуација во Унијата. Се покажа ли најдобро ова разногласие во Македонија? Три посети на различни европски челници донесоа и три различни пораки. Едно е јасно, како што се менуваше политичката ориентација на дотичните, но и нивниот статус во институциите на ЕУ, така варираше и кажаното.
Дојде и црниот понеделник. Црн за некого и за нечии очекувања. Или, повеќе се пусти желби. За наша среќа, малку се на број, но за несреќа, набиени со толку многу необјаснива омраза и ненаситна жед за моќ и за власт.
Ликуваа, предвреме славеа, од радости „пукнаа“, со денови со фанфари го најавуваа, уште малку и црвен тепих ќе му постелеа (иако, за волја на вистината, повеќе милуваат шарен), а се случи неочекуваното. Упс, статива!
Доналд Туск предизвика страшен дебакл на силните очекувања и најави што ги пуштија нивните омилени и скапо платени новинари и аналитичари, посета што го зави во црно СДСМ и неговите јуришници. Очекувањата и надежите им ги скрши истиот тој Полјак, во кого се „крстеа“ и пред неговото доаѓање најавуваа политичко цунами, кое ќе го збрише и скрши претседателот Иванов и ќе ги затне устите на ВМРО-ДПМНЕ. Да, требаше и да го тргне народот од улица. Втор пат во неколку месеци, еден Доналд ги замолкна „професионалните“ пера и го навлече нивниот гнев. Прв беше Трамп, сега Туск. Голема штета, но милуваното бриселско цунами, кое напати имаше и форма на тајфун, антивмровска и антинародна непогода, која во социјалдемократските мечти и во фантазијата на нивните медиумски стратези постојано менуваше форми – де земјотрес, де поплава, де пожар, наеднаш стана бранче, развигорче, баричка. Прскалка… Гревота за СДСМ, уште поголема за нивните медиумски извршители и распространувачи на лажни вести, алијас професионалци. Да, Спајдермен го боцна пајак, нив, пак, постојано ги боцка истата, пуста и голема желба за власт и за пари.
На што се должеше лелекот на немтурите?
Знаете, „надувувањето“ на очекувањата има страшен контраефект. Особено, кога маката ви е толку многу голема. И многубројна. И тамам кога сте мислеле дека доаѓа спасителот (не тој од Муртино), ликот што треба да ве ослободи од таа силна и толку многубројна мака наречена НАРОД, најлошо е наглото издишување на истиот тој балон. Настрана реата што излезе од него, но неговото пукање одекна надалеку. И ден-денес се слуша и татни во нивните уши, при очи црвени од слушање туѓи разговори.
Како и да е, изјавата на претседателот на Европскиот совет ги смрачи и така вечно намуртените лица на социјалдемократските челници и јуришници. Залудно извртувањата на неговото составено: „ Оваа долготрајна криза ја забавува вашата држава на евроатлантскиот пат. На вас е да најдете решение засновано на демократски начела, пристојност и здрав разум. Само таквото решение може да биде трајно. Кога ќе најдете такво решение, можете да сметате на нашата поддршка“. За нечија жал, тоа се однесуваше на сите. Дури и на нивниот омилен Заев, како и на тиранските потписници Села, Ахмети и Касами. Можеби Туск во моментот в рака ги држеше нивните лекарски уверенија, не постари од две години, во кои стоеше дека се психички стабилни и здраворазумни?! Или ексклузивни автори на долготрајната, тригодишна криза се ВМРО-ДПМНЕ и Иванов? Или трајното решение би била влада на тиранска основа? Колку трајно? Дали еден месец, два, три, можеби, би траела таа Влада? Абе ајде. Секако, кај Соросовите и од УСАИД спонзорирани чеда, возљубени во зелените банкноти, сѐ беше насочено против Иванов. Затоа што и не знаат поинаку. Затоа што е неисплатливо, нели…
Сепак, откровение и „хајлајт“ на „професионалците“ непрокопсани беше моментот на толкувањето дека Туск кажал дека Македонија ја губи поддршката на Брисел. Некој не разбрал ли дека Полјакот рече дека кога ќе најдеме решение, можеме да сметаме на нивната поддршка?! Тука лежи зајакот, или беше професионалецот? Да, неработниците најчесто и го прават тоа. Лежат и измислуваат.
Веројатно, пак, и не разбрале. Чуму? Па затоа што, поразително и страшно за нивните нежни уши, Туск рече „кога ќе најдете“. Тој не го состави посакуваното „кога ќе ви најдеме“. Јок! Иако, за „професионалните“ уши, добро би звучело „кога ќе ви наметнеме“, уште подобро би се чувствувале со „кога ќе ви наредиме“, а најдобро со „кога ќе ви наложиме“. Затоа што македонските ксенофили, сиви и стерилни ликови без трошка национална гордост и чувство во себе, недоквакани вљубеници во меѓународниот интервенционализам, само така и си милуваат, а поинаку и не знаат. Ниту посакуваат.
Токму затоа, лелекот на немтурите беше толку оправдан, извртувањата уште повеќе. Па како поинаку да оправдате што цела недела лажевте, измислувавте, ширевте „радост“, најавувавте клоци, шлаканици и драконски притисоци? Ако се навратиме на кажаното од минатата недела од многубројните неранимајковци, тие лековерните очекуваа Туск на прес-конференцијата јасно да му понуди на Иванов да избира меѓу пеколот и рајот, меѓу НАТО и Русија, меѓу ЕУ и АУ (Африканска унија) на Гадафи… Земи или остави, да се биде или не. Ништо од тоа.
Немајќи простор ни за извртување на кажаното, кое беше толку дипломатски преблаго, дури и за еден бирократ од ЕУ, нашите секојдневни оцрнувачи на македонштината, ликови што постојано се потсмеваат со патриотизмот и со љубовта што вистинскиот Македонец ја има за својата земја, едноставно, замолкнаа. За промена, овој пат на Туск не му најдоа исплатлив бизнис во Македонија. Тој стап го „јадеше“ Хан кога не им се бендисуваше при „пржинските“ преговори. Австриецот со последниот коментар на „Твитер“ се испра кај недоветните за сторените „гревови“ во времето кога, навистина, беше неутрален и сега е најдобар и најубав. Ако, прашање е до кога неговата изјава, за која немаше храброст (а веројатно имал срам) да ја соопшти во живо, ќе држи „влага“. Барем до следниот „грев“. Иако, тоа не го спречи Заев да излаже дека токму Хан му ветил отворање преговори. Го демантираше портпаролката Коцијанчич. Лагата за Вајгл на „професионалните“ медиуми на која со соопштение се налепи и СДСМ, пак, мораше да ја демантира тој самиот. Европратениците немаат портпароли…
Гревот на Туск ги стаписа недоветните
А „гревот“ на Доналд Туск беше очигледен. Полјакот, сега непрокопсан во очите на СДСМ и нивните медиумски стратези, не е за тоа што го кажа. Гревот кон нив е во тоа што не го кажа. Да, Туск ги испушти „волшебните“ зборови. Заборави да каже „веднаш да се формира влада и да се почитува парламентарното мнозинство“ и со тоа да ги наполни нивните напатени срца. За власт, моќ и за демонстрација на реваншизам кон „немиените“, се разбира.
Арно ама, Полјакот не го изусти златниот збор. Таксират. Очајните кулинари од кујната на „Павел Шатев“ се најдоа во небрано, па ги вклучија во „погон“ едните те исти аналитичари, кои „дообјаснија“ што сакал Туск да каже, дека „стоката“ не можеше да ги разбере неколкуте прости реченици што искусниот европски политичар ги склопи. Веројатно, многу болело, па по непроспиената ноќ, одгласите беа уште победни и побезлични. Велат, со боринче се барал „аналитичар“ што ќе ја изврти пораката на ЕУ. Да, за нечија жал, ова беше порака на Брисел, не само на Туск. Нон сенс е да нѐ убедуваат дека Полјакот играл на своја рака, такво нешто не постои. За жал на многумина, тој само го пренесе ставот на ЕУ, која порача – најдете решение и ние ќе ве поддржиме во него. И така, завладеа траор во нечии редови…
Кога евроамбасадорите се побезобразни од челниците на ЕУ
Од независноста, па до денешен ден, Македонија беше домаќин на дузина европски челници и на уште толку евроамбасадори. Дел од нив беа принципиелни и непристрасни, дел, пак, се држеа за едната страна како „слеп за стап“. Упатените велат дека не било само до стапот, туку до парите. Зборуваме за евроамбасадорите. Разликата е иста како и какофонијата што произлезе од Могерини, Хан и од Туск, чијшто вокабулар се менуваше хронолошки и чијашто острина варираше и опаѓаше секоја следна посета. Реалноста е дека ЕУ е силно поделена во однос на многу прашања, а Македонија и случувањата во неа се дел од таа поделеност. Од една страна се социјалистите и декларираните левичари како Могерини и Фленкенштајн, а од другата се демохристијаните. Само за потсетување, во Европа владее десницата. Тоа е факт, колку и „професионалците“да ве убедуваат во спротивното, залудно е.
Македонија имаше „среќа“ во текот на годините да вдоми еден куп сосема различни евроамбасадори и други амбасадори. Сосема различни, според објективноста, според непристрасноста, љубовта кон парите, па дури и според сексуалната ориентација. Дел од нив се однесуваа и како да се газди на некое плантажа со памук во Алабама во почетокот на 19 век. Добро де, утнаа само два века. И неколку десетици илјади километри. А се „шлепуваа“ и прикаската ја темелеа на Македончињата со комплексот на чичко Том, кои иако се намалија, сѐ уште се присутни, најмногу на „Павел Шатев“.
По Италијанецот Донато Кјарини, кој се водеше како шеф на мисијата на ЕК во РМ, кој остана познат као невиден женскар, следуваше спротивноста наречена Ерван Фуере. Спротивен по многу работи. Особено што милуваше да биде ТВ-ѕвезда. Очекувавте да биде и во вашиот ладилник. Е истиот тој „фаќач“ на буриња (и на други работи) по Охридско Езеро сега излажа дека принципот „победник со победник“ бил измислен од ВМРО-ДПМНЕ. Го демантираше Билјана Ванковска. Од прва рака, таа го демаскираше „демократот“, кој и по заминувањето од Македонија, и како пензионер, „по навика“ секојдневно ни „трие сол на глава“ и ни објаснува што била демократија, правичност, слобода. Арно ама, така не било пред девет години, кога „слободоумниот“ Фуере наложувал кој со кого да коалицира, а на извештаите на невладиниот сектор, кој сега толку многу го брани, реагирал со врескање и со заплашување. Ванковска напиша:
„Оваа изјава на Ерван Фуере е ЧИСТА ЛАГА! Да го потсетам дека во 2006 година Хелсиншкиот комитет (во чијшто борд членував и јас) излезе со извештај во кој нотираше отворено мешање на амбасадорот на ЕУ во формирањето коалициска влада (дотичниов инсистираше дека ДУИ е легитимен претставник на Албанците поради поголемиот број освоени пратенички места и дека ВМРО-ДПМНЕ не треба да прави коалиција со ДПА). Нашата забелешка беше принципиелна, токму во смисла на тоа дека никаде (ни во Устав, ни во закони) не пишува дека треба коалицирање на победник со победник, а дека странците се мешаат во внатрешните работи. Истиот ден Фуере побара средба со наши претставници. Таа непријатна и безобразна средба ја опишав во колумна, објавена во ’Фокус‘ (тогаш бев нивни колумнист). Ќе потсетам само кратко дека јас и Исо Руси бевме замолени од Најчевска да појдеме на средбата, а таму нѐ дочека цел тим соработници и лутиот Фуере. Влезе без да се поздрави, туку веднаш тргна во рафален напад (дека е гневен, лут и незадоволен од нашиот извештај), а јас и Исо разменивме поглед и немо се договоривме дека ќе му одговориме со иста мера. Исо ми даде предност: и јас почнав со истите зборови на Фуере велејќи му дека ние сме гневни, лути и незадоволни што странски амбасадор се дрзнува да нѐ вика на ’пеење‘ за независен извештај на една НВО, и тоа без аргументи. По неколку размени, Фуере почна да вика на нас, а Исо му рече: ’Јас имам повеќе од 50 години, па дури и во комунизмот не сум дозволил некој од Це-Ка да ме преслушува – нема ни вам да ви дозволам. Билјана, стани, заминуваме!‘ И си заминавме додека лицето на Фуере беше жар црвено. Извештајот на Хелсиншки може да се најде на нивната веб-страница, претпоставувам – а и инаку ќе се согласиме дека постројат медиумски записи за тоа време. Навистина, т.н. Мајски договор беше усогласен во 2008 година, по парламентарната криза што настана поради опструкциите на пратениците на ДУИ. Договорот постигнат со странско посредништво, на англиски јазик, во Клубот на пратеници стана (не)пишан принцип за коалицирање сѐ до денес, кога ’тази дупка не е дупка‘ и тој договор веќе не е договор“.
Двојни аршини? Од дипломат на ЕУ? Нема шанси. Па нели тие сите ни мислат само добро и саде убавини? Во овој случај зборуваме за стоте лица на еден „демократ“.
Добро, не се сите исти. По Фуере следуваше умерениот Данец Петер Соренсен, кој беше вистинско откровение затоа што не сакаше да биде ТВ-ѕвезда и да има став за ланскиот снег и за ајварот. Неговиот претходникот нѐ навикна на тоа. Но дека не е сѐ толку „бело“ нѐ увери неговиот наследник, Естонецот Аиво Орав. И тој како Фуере имаше поинакви гледишта за „солењето“ ум. Стартуваше со Славомакедонци, продолжи со сомнителни домари, итн. По него повторно дојде семеен човек. Словенецот Самуел Жбогар засега е во сенка. За него нема ниту негатива, ниту, пак, некаква позитива. Како и би можел, кога главна ѕвезда и натаму е Џес Бејли. Прашањето е само до кога? Одговорот, побарајте го кај Тилерсон…
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 240. број на неделникот „Република“, 7.4.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.