Министри од Албанија, Kосово и од Македонија, претставници на стопанските комори на трите земји и албански бизнисмени се собраа викендот во Шенѓин, Албанија, на Форумот на албанските производители. Kако што е официјално соопштено по средбата, формирањето на форумот има цел „да се промовираат производите од местата каде што живеат Албанци, да се создаде мост меѓу претприемачите, да се влијае на уривањето на трговските бариери меѓу трите земји за да се функционира како еден заеднички пазар“. На средбата присуствувале министерката на Албанија за економски развој, туризам, трговија и претприемаштво, Миљва Економи, министерката за трговија и индустрија на Kосово, Хикмете Бајрами, и македонскиот министер за економија, Дритон Kучи. Промовирањето на Економскиот форум, пренесува весникот „Дневник“, е направено далеку од очите на јавноста, односно без присуство на медиуми.
Но, зад ова скудно и воопштено соопштение, се крие нешто покрупно, анализира весникот. Kако што дознава „Дневник“, министрите ставиле и потписи на документот за формирање на Форумот, нешто што е прв практичен чекор откако лани во декември се донесе декларација за соработка на градоначалниците од пограничните региони и кои имаа првични средби во Призрен и во Маврово. Очигледно е дека работите со формирањето на овој форум или албанска економска зона на соработка се одвиваат со голема брзина. Дипломатски извори велат дека ова што се прави сега со формирањето на Форумот е само дел од сантата мраз наречена тиранска платформа и дека наскоро можат да се очекуваат и други чекори во насока на обединување на албанскиот етнички и јазичен простор.
Познавачите на околностите велат дека сето тоа би можело и да се смета за економски оправдан потег ако учествувале само Друштвото на албанските производители, Kлубот на производителите на Kосово и Стопанската комора на северозападна Македонија, но кога кон нив се приклучуваат и министри, целата работа треба да се гледа со поинаква диоптрија.
Министрите, според извори на „Дневник“, ставиле потписи на Програмата за работа за 2017 година и на Статутот, што значи дека првичната декларација за соработка добила институционална форма. Целиот проект оди под паролата „купувај албанскo, троши албанскo“ (“BLI Shqip”). На Форумот е истакнато дека ќе се врши „промоција на претприемаштвото и производството на продукти на албанските територии“.
– Ова значи тивок бојкот на македонските производи или ако сакате почеток на економска војна – анонимен извор ги коментира за „Дневник“ целите на Форумот.
Македонија веќе неколку години се обидува да постигне договор со Албанија за формирање мешовит комитет за економска соработка, но потпишувањето на тој значаен документ неколкупати досега е одлагано. Велат „некој ја кочи целата работа и во Тирана и во Скопје“. Ако сега се анализира со каква леснотија е формиран Форумот, може да претпоставиме кој би можел да биде кочничарот, додава весникот.
По создавањето на Форумот се поставува прашањето што би било следно – дали како што најави Зијадин Села – албански парламент во Македонија? Или, што е многу поверојатно, наскоро по урнекот на бизнисмените да тргнат и луѓето од образованието, па да се постигне договор во рамките на образовниот процес, односно тој да се унифицира – Албанија, Kосово и Албанците во Македонија да имаат исти учебници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.