| четврток, 6 декември 2018 |

Петир: ЕУ е најодговорна за блокадата од Грција

Јас го разбирам незадоволството на македонскиот народ бидејќи дури и јас не би сакала составувањето на хрватската влада да се договара во некоја друга земја. Ова го порачува хрватската претставничка во Европскиот парламент и претседателка на неформалната група за пријателство со Македонија во ЕП, Маријана Петир, по синоќешната дебата за македонската резолуција во Европарламентот и дебатата што мешовитиот комитет на ЕП и македонското Собрание ја имаше со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.
Во соопштението што го објави денеска канцеларијата на Петир, се наведува дека „иако ситуацијата во Македонија ескалира, а македонските граѓани протестираат речиси 40 дена, Европскиот парламент во средата доцна во ноќта на пленарната седница во Стразбур одржа дебата за Резолуцијата на извештајот на Европската комисија за Македонија за 2016 година“. Притоа, наведено е дека европратеничката Петир, која интензивно се залага за отворање на преговорите на Македонија со ЕУ, се приклучи во дебатата, а претходниот ден и присуствуваше на состанокот на делегациите на мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија, на кој за ситуацијата во земјата зборуваше и македонскиот шеф на дипломатијата Попоски.
Петир на состанок и делегациите и за време на дискусиите на пленарната седница на ЕП, изрази искрена загриженост за ситуацијата во Македонија, каде што, како што рече, политичката криза трае предолго, што според неа се должи на мешањето и влијанието на други земји во внатрешно-политичките работи на Македонија.
Според соопштението, хрватската европратеничка го прашала министерот Попоски дали тој гледа место за дијалог меѓу двете најголеми партии во Македонија, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ како победник кој на СДСМ му понуди соработка во подготовката на владата за да се спречи доаѓањето на тиранската платформа на власт или смета дека проблемот може да биде решен само нови избори.
На ова, според Петир, Попоски одговорил дека тиранската платформа е измама на гласачите, со оглед на тоа што е создадена по изборите и како таква таа немаше учество на изборите. Попоски, како што пренесува хрватската европратеничка, смета дека изборните резултати би биле многу различни доколку граѓаните биле запознаени со програмата и намерите на тиранската платформа и на СДСМ, кој се согласил да соработува со таквата платформа.
– Исто така, министерот рече дека тој смета дека најдобро решение навистина би биле нови парламентарни избори, кои би се одржале заедно со локалните избори, што треба да биде во мај, но кои ќе бидат одложени поради политичката криза – се вели во соопштението од канцеларијата на Маријана Петир.
Коментирајќи во врска со протестите во Македонија, Петир вели дека таа го разбира незадоволството на македонскиот народ кој не сака со неговата земја да се управува со тиранска платформа направена во друга земја.
– Додека Америка и Албанија јасно го покажуваат своето влијание во овој дел на Европа, институциите на ЕУ се многу пасивни, иако ги сметам за најодговорни за состојбата во Македонија поради блокадата на Грција земјата веќе 12 години неправедно се држи пред влезната врата на ЕУ и НАТО – децидна е  европратеничката Петир.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top