Претстојното лето во Македонија ќе биде потопло, а врнежите нема да отстапуваат од многугодишниот просек, предвидуваат од УХМР според прогностичките материјали кои ги преземаат од Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF) во Рединг и Виртуелниот центар за климатски промени за Југоисточна Европа (SEEVCCC).
Сезонскиот изглед на времето во Македонија за период јуни, јули, август 2017 покажува дека температурата на воздухот ќе биде малку повисока од просечната, но тоа надминување нема да биде повеќе од 1-2˚С. Количината на врнежи ова лето се очекува да биде во рамките на просекот, со можност на посушен источен дел и поголема веројатност на позитивно надминување во останатиот дел од републиката.
Во август и температурата на воздухот и врнежите ќе бидат во рамките на просекот. За Скопје просечна многугодишна температурата за овој месец изнесува 23,9˚С, а просечна многугодишна количина на врнежи 34,4 мм.
Од УХМР информираат дека постои веројатност во летната сезона да се јават периоди со исклучително топло и сушно време, како и веројатност за изразени негативни отстапувања од вообичаените средни вредности на температурата, но и влажни продори.
Во Република Македонија многугодишниот просек 1981-2010 за температурата на воздухот во лето е во границите околу 16,0˚С во планинските предели до 25,3˚С измерени во Гевгелија, додека просечната количина на врнежи е од 23,9 мм во Штип до 96,7 мм во Маврово.
После исклучително топлиот април, што според мерењата е најтопол во историските податоци од 1950 година, мај досега се покажа како релативно постуден и доста врнежлив. Историски гледано измерените температури и врнежи не се невообичаени за овој месец.
Според истражувањата и анализите кои се вршат во Секторот за метеорологија споредбата на првата декада во мај со историскиот многугодишен просек 1981-2010, просечните температури на воздухот се значително пониски, некаде и до 2˚С, исто како и средномаксималните кои во Крива Паланка се пониски и до 3˚С. Средните минимални температури се пониски од многугодишниот просек во првата декада, освен во југозападниот дел каде што имаме позитивно отстапување. Врнежите во првата декада од мај се надпросечни, освен во јужниот дел од Републиката каде се измерени просечни вредности
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.