Заминувањето на Лино Червар од селекторската функција во македонската ракометна репрезентација предизвика безброј реакции во спортската јавност во нашата земја, но сега името на ценетиот хрватски стручњак на големо почна да се споменува и во пошироката ракометна јавност ширум светот, или попрецизно од страна на специјализираниот „Хендбол Планет“ кој излезе со интересна вест за новиот предводник на „каубоите“.
Червар во преостанатите два месеци сигурно ќе седне на маса со првите луѓе на Металург за да се донесе конечно решение за неговата иднина во македонскиот ракомет, но според „Хендбол Планет“, одлуката веќе е однапред позната и речиси сигурно е дека клубот од Автокоманда ќе остане без тренер на почетокот на ова лето.
Ценетиот медиум пренесува дека Червар е прв фаворит за преземање на тренерското столче на ППД Загреб кој до крајот на сезоната ќе биде привремено предводен од Голужа, а дека ваквата солуција е навистина возможна оди во прилог тоа што Лино на тој начин ќе може да соработува на клупски план и со дел од играчите на кои ќе смета во националниот состав.
Во дадената ситуација, јасно е дека ќе извиси поранешниот македонски ракометен првак, но сепак „Хендбол Планет“ информира дека оперативците на Металург не оставаат ништо на случајноста, па веќе е договорен поранешниот македонки селектор Звонко Шундовски да го заземе празното место кое ќе го остави Червар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.