| четврток, 6 декември 2018 |

Нема правна основа за продолжување на мандатот: СЈО на 30 јуни оди во историјата

Деновиве зачестија барањата на јавниот обвинител на СЈО, Kатица Јанева од 23 март и на СДСМ од 2 април, за продолжување на рокот од 18 месеци за спроведување истражна постапка и за поднесување обвинение во врска со нелегалното прислушуваните телефонски разговори. При поднесување на овие барања, СДСМ и Kатица Јанева не водат сметка за правната основа за продолжување на мандатот.

Специјалното јавно обвинителство е основано како дел од Договорот од Пржино, постигнат за надминување на одредена кризна состојба во врска со неовластеното прислушување телефонски разговори. Во делот V, став 2 од Договорот, се предвидуваат рокови за назначување специјален јавен обвинител, негово именување и надлежност определена во посебен Закон за СЈО, кој е донесен со двотретинско и Бадентерово мнозинство на пратеници на 15 септември 2015 година. Тој ден, по предлог на четири политички партии, Собранието утврди предлог Советот за јавните обвинители да ја избере Kатица Јанева за јавен обвинител на СЈО.

С` што е предвидено во Договорот, целосно е реализирано. Kако дел од пржинскиот договор, во Законот за СЈО се вградени одредби што се однесуваат на надлежноста, мандатот и крајниот рок за поднесување обвинение. Тоа се битни елементи од договорот. Во членот 22 од Законот, изречно се наведува дека „јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да поднесе обвинение или да нареди запирање истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“. Со овој член од Законот е утврден крајниот рок од 18 месеци за поднесување обвинение и за издавање наредби за запирање истражна постапка.

Законот за СЈО и изборот на Kатица Јанева за јавен обвинител се предмет на посебен политички договор. Законот за СЈО и изборот на јавен обвинител на СЈО се надвор од Уставот и надвор од редовната законска процедура. Врз основа на која одредба од Уставот и кој член од кој било закон, четири политички партии утврдуваат предлог за избор на јавен обвинител? Таква одредба нема во ниту еден закон, а нема ниту во Уставот. Одредбите од договорот од Пржино не можат да се изменуваат со закон, а со тоа и крајниот рок од 18 месеци за поднесување обвинение и за запирање истражна постапка. Тоа што е утврдено во Договорот е вградено во Законот и договорот не може да се менува со закон. Доколку некој сака тоа да го стори, тогаш треба да поведе и спроведе иста процедура која доведе до потпишување на тој договор, во кој ќе се предвиди можност за продолжување на рокот.

Покрај тоа што нема правни, нема ниту фактички, а уште помалку морални причини да се бара продолжување на рокот од 18 месеци. На Kатица Јанева ~ беа обезбедени сите услови за извршување на работите предвидени во Законот. Таа имаше одврзани раце сама да го одбере кадарот со кој ќе работи, од буџетот и се обезбедени материјални средства колку што бараше, се обезбедија просторни, технички и други услови за работа за да може да ги заврши работите во определениот рок.

Субјективни слабости не може да бидат причина за продолжување на рокот.

Обвинителката Kатица Јанева, без спроведена постапка и без решение ги отстрани од работа обвинителките Лејла Kадриу и Марија Ѓоревска што претходно ги избра, со образложение дека обвинителскиот кадар бил доволен за извршување на работите.

Не презеде никакви мерки СДСМ и Зоран Заев да го предадат целокупниот незаконски прислушуван материјал и не застана на патот на манипулациите на Зоран Заев за тоа колку телефонски разговори незаконски се прислушувани, почнувајќи од 60, па 120, па 600 илјади разговори или дури 1,05 милион прислушувани разговори!? При предавањето на материјалите на 30 декември 2015 година не направи записник за тоа колку незаконски прислушувани разговори се предадени, што претставува суштинска повреда на основната законска обврска да се направи записник за секое дејствие во постапката.

Се впушти во барање случаи кои не се во доменот на нејзината надлежност, не од правни, туку од политички причини.

Во случајот „Пуч“ го повлече обвинителниот акт, по смислено одлагање на 10 рочишта и се откажа од кривичното гонење, на кој начин обвинетите ги амнестира од одговорност!

Со запирање на кривичната постапка во случајот „Пуч“ против претседателот на СДСМ Зоран Заев, Зоран Верушевски и неколку други обвинети лица, СЈО го изгуби кредибилитетот на објективен, независен и непристрасен орган и објективно се стави во служба на СДСМ и неговото раководство.

Еднострано се отвораат случаи за казнено гонење само против функционери и припадници на ВМРО-ДПМНЕ. Kако е можно, од над еден милион нелегално прислушувани телефонски разговори, да не се најде барем еден случај и да се поведе макар една предистражна постапка спрема челник или носител на партиска и друга функција од СДСМ и ДУИ? Основано се стекна уверување дека ова јавно обвинителство е основано само за функционери на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство.

Во СЈО има 117 вработени лица, колку што немаат повеќе од половината од другите јавни обвинителства во Македонија. Непотизмот при вработувањето во обвинителството зеде голем замав со вработување внуци, сестри, братучеди и други блиски роднини, што објективно претставува лоша слика за самата институција.

На 30 јуни 2017 година истекува рокот од 18 месеци за поднесување обвинение за потворени случаи и за издавање наредба за запирање на постапката. Тоа е рок кој не може да се продолжи. По 30 јуни 2017 година, СЈО не може да поведе предистражна или истражна постапка и не може да поднесува обвинение. Од тој ден, работата на СЈО ќе биде само во рамките на надлежноста да ги застапува поднесените обвиненија пред судот.

Михајло Маневски за ДНЕВНИК
(Авторот е поранешен министер за правда)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top